Фото: ЕПА

СО ТРИУМФОТ НА МАДРИД ОПЕН

  • За Синер следува турнирот во Рим каде што со триумф би му се придружил на Ѓоковиќ како единствен тенисер што го комплетирал т.н. златен мастерс во кариерата. Ѓоковиќ ги освои сите девет мастерс-турнири двапати, пишува АП

Прворангираниот светски тенисер Јаник Синер го победи Александар Зверев со 6-1, 6-2 во финалето на мастерс-турнирот од серијата 1.000, Мадрид опен, и првпат го освои тој турнир, со што стана првиот тенисер што освоил пет последователни мастерс-турнири од серијата 1.000, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
За Синер тоа е 23. последователен триумф. Тој претходно годинава ги освои титулите на мастерс-турнирите во Монте Карло, Мајами и во Индијан Велс, како и во Париз во минатата година.
– Мислам дека има многу работа зад тоа. Многу посветеност и жртва вложувам секој ден. Очигледно, многу ми значат овие резултати. Многу сум среќен што продолжив да верувам во себе. Се појавувам секој ден, на секој тренинг, обидувајќи се да вложам вистинска работа со вистинска дисциплина. За да го направите тоа, треба да го имате вистинскиот тим зад вас, што го имам. Многу сум среќен за себе, но и за тимот, а ова многу ни значи на сите нас – рече Синер.
За Синер следува турнирот во Рим со шанса да го освои трофејот на единствениот мастерс-турнир од серијата 1.000 што уште не го освоил. Тој се стреми да му се придружи на Новак Ѓоковиќ како единствен тенисер што го комплетирал т.н. златен мастерс во кариерата. Ѓоковиќ ги освои сите девет мастерс-турнири двапати, пишува АП. Н.М.