Фото: приватна архива

Нова книга за деца на Билјана Лотеска

Во рамките на годинашниот Саем на книгата, кој заврши минатата седмица, беше промовирана една интересна, луцидна и по многу нешта необична книга. Станува збор за „Полжавчето што си го најде патот“ од Билјана Лотеска.
Книгата „Полжавчето што си го најде патот“ е најчудното и најоригинално издание, затоа што текстот се чита од средината надесно или налево и обратно. Детето само го избира патот по кој ќе појде да ги чита двете исти, а толку различни приказни, обединети во една книга што завршува со среќен крај – ни откри авторката.
Содржината ја збогатуваат оригинални илустрации на Бисера Лотеска. Преку оваа нежна и исклучително терапевтска приказна, децата природно учат за храброст, трпеливост, добрина и самодоверба и уште за многу нешта, станувајќи активен дел од раскажувањето. Ова е книга што поттикнува на самостојност, ја развива емоционалната интелигенција и ја претвора приказната во интерактивно патување.
„Полжавчето што си го најде патот“ е трета книга на писателката Билјана Лотеска. Првата, „Жолти чорапи“, за неколку месеци беше најпродавана книга на издавачот „Арс ламина“, а за истата таа издавачка куќа ги објави и двата прирачника за работа во воспитните групи на деца со наслов „Детска планета“ за три-четири години и „Детска планета“ за пет-шест години. По ова, Лотеска ја објавува и својата втора книга „Пчеличката Баз“ наменета исто така за децата, која беше наградена и промовирана во Македонскиот културен центар (МКЦ) во Белград, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската литература за деца“.
Оттука, таа сето свое знаење како воспитувач и психолог го преточи и во книгата „Полжавчето што си го најде патот“, наменета за радосно и успешно растење во ова динамично време на живеење.
Книгата е во издание на издавачката куќа „Едука мак“ од Скопје.

Ф.Д.