Берзата во Франкфурт / Фото: ЕПА

Опсервација на еден бизнисмен за чинењето на односите меѓу САД и ЕУ, со посебен осврт на загубите на ЕУ

  • Од економска перспектива, сегашниот модел на односи меѓу ЕУ и САД може да се опише како асиметрична меѓузависност. САД имаат поголема флексибилност да иницираат или ескалираат конфликти, додека Европа има поголема изложеност на последиците. Тоа создава ситуација во која ризикот е европски, а стратегиската контрола – американска

Изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за загубата од 25 милијарди евра во рок од 54 дена, отвори сериозна дебата во европските политички и економски кругови. Имено, дали Европската Унија плаќа непропорционално висока цена за геополитичките потези на Соединетите Американски Држави.
Овој случај не е изолиран инцидент, туку дел од поширок тренд, кој се развива со години. А тоа е постепеното префрлање на економските и безбедносните трошоци од Вашингтон кон Брисел, што се идентификува со проектите на Брисел именувани како „Стратегиска автономија на Европа“.

ЕНЕРГЕТСКИОТ ШОК, ПОТТИКНАТ ОД САД, ОТКРИ СИСТЕМСКИ ПРОБЛЕМ НА ЕВРОПА

Енергетската криза што следуваше по украинско-рускиот судир е една приказна за себе. Но енергетската криза по ескалацијата на Блискиот Исток по агресијата на САД врз Иран повторно ја нагласи ранливоста на Европа. Зголемувањето на цените без раст на потрошувачката покажува дека ЕУ е изложена на надворешни шокови врз кои има минимално влијание.
Проблемот е продлабочен со стратешката одлука за диверзификација од руски гас, која, иако политички мотивирана, создаде нова зависност, а тоа е зависноста на Европа од поскап течен природен гас, главно од САД.
Просечната цена на ЛНГ увезен во Европа останува значително повисока од претходните долгорочни договори со Русија, што ја става европската индустрија во неповолна позиција во глобалната конкуренција.

ТРГОВСКИОТ ДИСБАЛАНС НА РЕЛАЦИЈАТА САД-ЕВРОПА: ПАРТНЕРСТВО ШТО ПРЕРАСНА ВО ПРИТИСОК

Трговските односи меѓу ЕУ и САД во последната деценија добија поинаква динамика. Политиките иницирани за време на администрацијата на Доналд Трамп ја трансформираа трговијата во инструмент за геоекономски притисок.
Заканите за царини на европските автомобили, субвенциите за американската индустрија и протекционистичките мерки создадоа асиметрични услови.
Европските компании се соочуваат со двоен притисок: повисоки производствени трошоци дома и ограничен пристап до американскиот пазар.
Тоа доведе до постепено пренасочување на инвестициите, односно некои од европските корпорации почнуваат да инвестираат директно во САД за да ги избегнат трговските бариери.

ФИНАНСИСКА ЕРОЗИЈА И ИНФЛАТОРЕН ПРИТИСОК

Енергетските и трговските шокови имаат директни финансиски последици. Зголемените цени на енергијата ја поттикнуваат инфлацијата, што ги принудува централните банки да одржуваат повисоки каматни стапки.
Тоа го забавува економскиот раст и ја намалува куповната моќ на граѓаните.
Во исто време, владите се принудени да воведуваат субвенции и фискални мерки за да ги ублажат последиците, што дополнително ги оптоварува буџетите.
Практично, европските даночни обврзници плаќаат двојно! Прво преку повисоки сметки, а потоа преку државни интервенции!

БЕЗБЕДНОСНИОТ ПАРАДОКС НА „ПОГОЛЕМИОТ БРАТ“

Иако САД остануваат клучен безбедносен партнер преку НАТО, последните геополитички потези ја отвораат дилемата: дали европската безбедност станува заложник на американските глобални стратегии.
Конфликтите во кои Европа не учествува директно – како ескалацијата со Иран – сепак имаат директни економски последици за европските држави.
Воедно, притисокот за зголемување на воените буџети значи дека Европа мора да инвестира повеќе во одбрана, често купувајќи американска воена опрема.
Тоа создава дополнителен финансиски одлив кон САД наместо развој на сопствена одбранбена индустрија.

СТРАТЕШКА АВТОНОМИЈА ИЛИ СТРУКТУРНА ЗАВИСНОСТ

Концептот на „стратешка автономија“ сè почесто се споменува во Брисел, но неговата реализација е ограничена.
Европа останува зависна во три клучни области:
– енергија
– безбедност
– високи технологии
Во сите три сегменти, САД имаат доминантна позиција.
Оваа зависност ја ограничува способноста на ЕУ да води независна политика, особено во кризни ситуации.

ГЕОПОЛИТИЧКА ЕКОНОМИЈА НА ЗАВИСНОСТА

Од економска перспектива, сегашниот модел може да се опише како асиметрична меѓузависност.
САД имаат поголема флексибилност да иницираат или ескалираат конфликти, додека Европа има поголема изложеност на последиците.
Тоа создава ситуација во која ризикот е европски, а стратегиската контрола – американска.
Во рамките на ЕУ расте незадоволството од ваквата динамика.
Некои земји членки бараат поголема енергетска независност, зајакнување на европската одбранбена индустрија и ребаланс на трговските односи со САД.
Сепак, постои и страв дека премногу остар курс кон Вашингтон може да го загрози безбедносниот чадор на НАТО.

ЦЕНАТА НА СОЈУЗНИШТВОТО

Анализата на актуелната состојба покажува дека Европа се наоѓа во комплексна позиција. Таа е економски изложена, политички ограничена и безбедносно зависна.
Изјавата за 25 милијарди евра е само најнов индикатор за подлабок структурен проблем. Сега Европа е во прашалници не за тоа дали ЕУ треба да остане сојузник на САД, туку под кои услови?
Доколку сегашниот модел продолжи, ЕУ ризикува да стане економски периферен актер во систем во кој ги плаќа трошоците, но не ги носи одлуките.
Во таа смисла, дебатата за стратешка автономија повеќе не е идеолошка, туку лидерството на ЕУ од Брисел го наметнува тоа прашање како економска неопходност. Оттаму се слушаат иницијативи дека Европа ќе мора да избере помеѓу две насоки на крстопатот. Тоа е да остане во рамките на постојниот модел или да го редефинира.
Во спротивно, цената на трансатлантското партнерство ќе продолжи да расте, и тоа на сметка на европските граѓани, велат високопозиционирани носители на функции во ЕУ, кои даваат сѐ уште изјави во анонимност, за релевантни германски медиуми.

Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија

Авторот е бизнисмен и инвеститор што живее во Германија и работи на релацијата Германија-Македонија