Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го разгледа новиот предлог што Иран го доставил со цел ставање крај на војната, но изрази сериозни сомнежи дека истиот може да биде прифатлив, пренесе „Ројтерс“.

-Наскоро ќе го разгледам планот што Иран штотуку ни го испрати, но тешко е да се замисли дека ќе биде прифатен, со оглед на тоа што тие сè уште не платиле доволно висока цена за она што му го направија на светот во изминатите 47 години – напиша Трамп на платформата „Truth Social“.

Иако меѓу страните формално е во сила прекин на огнот, преговорите за негово претворање во траен мировен договор се во застој. Главните несогласувања се однесуваат на нуклеарната програма на Иран и контролата врз Ормуската Теснина, клучна точка за светската трговија со енергенси.

Иранската новинска агенција ИРНА објави дека Техеран испратил нов предлог до САД преку посредници во Пакистан. Во меѓувреме, државниот радиодифузер IRIB соопшти дека министерот за надворешни работи Арагчи ги информирал регионалните партнери за новите иницијативи преку серија телефонски разговори.

Деталите од предлогот засега не се објавени.

Конфликтот ескалираше по нападите што ги започнаа САД и Израел на 28 февруари, по што Иран возврати со напади, вклучително и делумна блокада на Ормуската Теснина.