Малолетно дете е повредено откако паднало од тераса на напуштен објект во Куманово, информираа од СВР Куманово.
Настанот бил пријавен вчера околу 21.20 часот, кога лекар од Итната медицинска помош известил дека кај нив било донесено дете со повреди.
Според информациите од полицијата, детето се здобило со повредите при пад од тераса во запуштен објект на улицата „Кирил и Методиј“.
Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото и презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Станува збор за поранешниот „Пионерски дом“, објект кој со години е запуштен и често мета на вандализам, иако се наоѓа во централното градско подрачје, во близина на училишта.
Од Општина Куманово претходно информираа дека имаат интерес да го преземат објектот, но досега нивните иницијативи биле одбиени поради нерешен правен статус.
Според урбанистичките планови, објектот е наменет за образовна дејност, додека дел од просториите моментално ги користи детска градинка. Во меѓувреме, неговата состојба е сериозно влошена – дел од инсталациите се отстранети, а објектот е значително оштетен.




































