Кина споделува практики за справување со еден најголемите светски предизвици
- Постигнатите резултати на азиската држава во искоренување на сиромаштијата во изминатите пет децении, со право привлекуваат големо внимание и нудат надеж за пренесување на нејзините успешни практики во глобални рамки, при што Кина отворено го споделува своето искуство со светот
Искоренувањето на сиромаштијата останува еден од најголемите глобални предизвици на денешницата, дури и во време на големи научни достигнувања и технолошки напредок, особено во ситуација кога воените жаришта низ светот се закануваат да воведат милиони во финансиски тешкотии и да ги поништат ефектите од постојаните напори за справување со овој горлив проблем. Нешто повеќе од 800 милиони луѓе на планетата моментно живеат во услови на екстремна сиромаштија (со приходи под три долари дневно), што е приближно на бројот на луѓе што Кина успеа да ги извлече од сиромаштија во домашни рамки од крајот на 70-те години на минатиот век.
Постигнатите резултати на азиската држава во искоренување на сиромаштијата со право привлекуваат големо внимание и нудат надеж за пренесување на нејзините успешни практики во глобални рамки, при што Кина отворено го споделува своето искуство со светот, што го забележав и за време на мојот минатогодишен престој во Пекинг, во разговори со тамошни врвни научни експерти што се занимаваат со оваа тематика.
– Ако Кина може да успее, тогаш и другите земји во развој можат да успеат. Борбата на Кина против сиромаштијата му го кажува ова на светот – рече своевремено кинескиот претседател Си Џинпинг.
Стотици милиони извлечени од сиромаштија во деценискиот напор со глобални ефекти
Кина во 2020 година прогласи дека ја елиминирала екстремната рурална сиромаштија, како резултат на долгорочен, сеопфатен, систематизиран процес што опфаќа брз економски раст заедно со низа државни мерки спроведени во изминатите пет децении – од ерата на реформите на Денг Сјаопинг до целните кампањи против сиромаштијата предводени од сегашниот претседател Си Џинпинг.
Благодарение на ваквиот пристап, Кина успеа да извлече вкупно 800 милиони луѓе од сиромаштија од крајот на 70-тите години на минатиот век (што претставува над 75 отсто од намалувањето на сиромаштија во глобални рамки во тој период), односно околу 100 милиони од 2013 до 2020 година (со годишна стапка на намалување на сиромаштијата од 33,8 отсто во седумгодишниот период), според достапни податоци од кинеските истражувања.
Одржливиот брз економски раст преку руралните реформи, развојот на земјоделството, трудоинтензивното производство и вработувањата, заедно со унапредувањето на инфраструктурата, се меѓу клучните фактори што одиграа клучна улога во намалување на сиромаштијата во Кина. А во кинеската стратегија се потенцираат и индустрискиот развој, квалитетното образование и широко достапното здравство.
Мерките се приспособуваат соодветно на околностите
Државата исто така ги регистрира сите сиромашни домаќинства и население, со детали за семејствата, расположливите ресурси, извори на приходи и причини за сиромаштија, во рамките на националниот информациски систем за ублажување на сиромаштијата. Евидентираните домаќинства се главни цели на сите видови програми за намалување на сиромаштијата, а оние блиску до прагот на сиромаштија се следат и се бележат како сиромашни ако западнат во сиромаштија.
Овој пристап се фокусира на идентификување на основните причини за сиромаштија во различни региони и соодветно приспособување на решенијата за нејзино искоренување – преку создавање работни места, овозможување пристап до образование, пружање здравствена заштита, развој на инфраструктурата…
Кина разви систем за следење на приходите и животните услови на финансиски најранливото население, нудејќи поддршка преку субвенции, обука за вработување, како и преселба во неопходни случаи. Домаќинствата кои немаат капацитет за остварување приходи, исто така се вклучуваат во системот за социјална помош, со цел за осигурување на нивните основни животни потреби.
Но, постигнатиот успех не ја стивнува борбата против сиромаштијата, туку напротив, го префрла фокусот кон систематска, технолошки ориентирана ревитализација на руралните области во Кина, во амбициозен обид за интегрирање на руралната економија во високотехнолошката, дигитална иднина на нацијата. Тоа значи дека државата и понатаму ги засилува напорите за пружање редовна и насочена помош за да се обезбеди одржлив развој на луѓето кои веќе се извлечени од сиромаштија.
Меѓународната соработка е во средиштето на борбата против сиромаштијата
Иако е посветена на искоренување на сиромаштијата дома, Кина не работи изолирано и нејзиното влијание врз намалувањето на глобалната сиромаштија, се должи, пред се, на меѓународната соработка.
Од Пекинг соопштуваат дека досега обезбедиле помош во различни форми за повеќе од 160 држави и региони, како и за бројни меѓународни организации. Според тамошни информации, во Источна Азија, во изминатите неколку години се спроведуваат план и проекти за намалување на сиромаштијата во руралните средини на Лаос, Камбоџа и Мјанмар. Кина истакнува дека им помогнала и на повеќе држави во Африка за да изградат инфраструктура за рационално користење и заштеда на вода, стручни и технички училишта, станови субвенционирани од националните влади и други неопходни капацитети. Во регионот на Јужниот Пацифик, пак, Кина промовира доделување помош и концесиски заеми, како и проекти за техничка помош во изградбата на инфраструктура, во земјоделството и за унапредување на медицинската грижа. Во Латинска Америка, азиската држава учествуваше во изградба на демонстративни центри за земјоделска технологија за да му помогне на локалното население да ја надмине сиромаштијата.
Во прилог на ваквите определби Кина го нагласува значајот на иницијативата „Појас и пат“, чии поврзани инвестиции, според студии на Светската банка, беше предвидено да им помогнат на 7,6 милиони луѓе да избегнат екстремна сиромаштија, односно на 32 милиони ширум светот да излезат од т.н. умерена сиромаштија.
Додека светските финансиски институции и влади продолжуваат да бараат ефикасни стратегии за искористување на сиромаштијата, искуството на Кина претставува патоказ за тоа што може да се постигне со политичка волја, одржливи планови и стратешки инвестиции, а нејзиниот пристап покажува дека елиминирањето на сиромаштијата претставува достапна цел.

































