Фото: ЕПА

Од Дарданелите до Ормускиот Теснец: Како тесните води стануваат патеки кон глобална моќ

  • Ако Дарданелите беа порта кон Црно Море, тогаш Ормускиот Теснец е порта кон светската енергија. Околу една петтина од глобалната трговија со нафта поминува низ овој тесен морски канал. За Иран, Ормуз претставува геостратешки адут, средство за одвраќање, потенцијален економско-финансиски лост. Но за разлика од Турција, Иран не ужива меѓународно признаен режим на контрола како оној од Монтре. Наместо тоа, неговото влијание е асиметрично, базирано на воени елементи, регионални тензии и способност за нарушување на протокот. Клучното прашање е како Иран може да ја трансформира својата позиција во легитимен контролор, онака како што Турција направи со Дарданелите

Во времето на Битката кај Галиполи (Турција наспроти Велика Британија и Франција), големите сили научија дека дури и огромна воена сила може да се скрши на неколку десетици километри вода. Денес, наместо воени флоти, низ Ормускиот Теснец минуваат танкери, но принципот останува непроменет. Имено, оној што го контролира протокот, ја контролира економијата…

Турција и лекцијата од Дарданелите

Контролата што денешна Турција ја има над Дарданелите не е само географска привилегија, таа е резултат на долга политичка и воена борба. По Првата светска војна и распадот на Отоманското Царство, статусот на теснеците беше меѓународизиран. Но со Конвенцијата од Монтре, Турција успеа да ја врати суверената контрола. Оваа конвенција ѝ овозможи да регулира воен сообраќај низ теснецот, да ја ограничи присутноста на странски флоти и да стане незаменлив фактор меѓу Истокот и Западот! Така, Турција си ја претвори географската можност во дипломатски капитал. Можеби Турција не стана „суперсила“, но доби статус на клучен регионален играч со глобално значење, држава што не може да се заобиколи.

Може ли Иран да стане „новата Турција“?

Ако Дарданелите беа порта кон Црно Море, тогаш Ормускиот Теснец е порта кон светската енергија. Околу една петтина од глобалната трговија со нафта поминува низ овој тесен морски канал. За Иран, Ормуз претставува геостратешки адут, средство за одвраќање, потенцијален економско-финансиски лост. Но за разлика од Турција, Иран не ужива меѓународно признаен режим на контрола како оној од Монтре. Наместо тоа, неговото влијание е асиметрично, базирано на воени елементи, регионални тензии и способност за нарушување на протокот. Клучното прашање е како Иран може да ја трансформира својата позиција во легитимен контролор, онака како што Турција направи со Дарданелите.
Нашите соговорници, универзитетски професори, а и неколку пензионирани дипломати, за Иран велат дека „сега има историска шанса да се извлече од долгогодишниот притисок од САД и да направи нов исчекор за договор што, со оглед на развојот на настаните, не би се потпишал од властите во Техеран со пиштол вперен во главата, односно под притисок, со оглед на фактот што Техеран успеа да парира на воениот напад на САД, кој не предизвика криза или пад на режимот во Иран“. Но како треба да се развиваат настаните, за Иран да има корист од целата ситуација? Соговорниците велат дека за тоа се потребни одредени предуслови.
– За тоа би биле потребни три услови. Прво, промена на меѓународниот баланс, и осетна перцепција во меѓународниот фактор за слабеење на влијанието на САД во регионот, што би отворило простор за нови договори и безбедносни архитектури. Второ, потребна е таканаречена „дипломатска легитимација“. Иран би морал да премине од политика на закана кон политика на договор, нешто слично на Монтре, но за Персискиот Залив. И трето, за тоа би требало Техеран да се избори за регионално прифаќање на неговата иницијатива и предлог за нови договори и безбедносни архитектури во регионот. Без согласност или барем толеранција од соседите и глобалните економии, контролата би останала нестабилна и конфликтна, тврдат повеќе наши соговорници.

Што би значело тоа за глобалниот поредок?

Според соговорниците, доколку Иран успее да воспостави стабилна и признаена контрола врз Ормуз, последиците би биле далекосежни.
– Иран легитимно и легално би располагал со, ајде да ја наречеме еден вид „енергетска моќ“ за директно влијание врз цените на нафтата и гасот. Потоа, Иран би добил додадена вредност како геополитичка тежина, односно како позиционирање како клучен играч меѓу Азија, Европа и Блискиот Исток. И трето, Иран би добил еден вид стратегиска автономија, односно намалување на зависноста од надворешен притисок. Со други зборови, Иран би се приближил до статусот што Турција го изгради, не нужно како доминантна сила, туку како неизбежен фактор – тврдат нашите соговорници.