Одредени точки на светската географска карта се стратегиски и оној што управува со нив има глобална моќ
- Неколку десетици километри море, теснеци и канали ја диктираат стабилноста на глобалните пазари. Затоа, осигурувањето на нивната безбедност и проточност не е само логистичко прашање туку стратешки императив за силите што се залагаат за светски мир и економски раст и развој во светски рамки, заради човечкиот просперитет и благосостојбаВо време кога глобалната економија функционира како усогласен механизам со утврдени процедури, кои горе-долу и се почитуваат, поморскиот транспорт останува најкритичен економско-енергетски крвоток. Над 60 отсто од светските текови на течни енергенти, а пред сè нафта и течен природен гас, се транспортираат по поморски патишта. Но и покрај ширината на океаните, судбината на оваа трговија често се сведува на неколку тесни региони, кои изгледаат како точки на картата на светот, а сепак имаат извонредно стратегиско и глобално значење. Тоа се морските мореузи и канали, познати како „тесни грла“ на светот. Токму таму, каде што факторот географија ја стеснува слободата на пловидбата, се создава најголемата ранливост на глобалната економија.
Ормускиот Теснец – најопасната енергетска артерија на светот
Сместен меѓу Иран и Оман, Ормускиот Теснец е апсолутно најкритичната точка за глобалната енергетска безбедност. Преку него дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта, а тоа е речиси една петтина од светската поморска трговија со нафта.
Она што го прави особено ранлив не е само обемот туку и неговата геополитичка експлозивност. Во услови на воени тензии или директни конфликти, како актуелните судири на Блискиот Исток, секое затворање или ограничување на пловидбата веднаш предизвикува нагло зголемување на цените на нафтата, прекин на снабдувачките синџири и паника и турбулентност на светските берзи. Алтернативите на Ормускиот Теснец се ограничени и недоволни. Неколку нафтоводи низ Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати не можат ни приближно да го надоместат поморскиот проток. Во моментот сме сведоци на важноста на Ормускиот Теснец во глобални рамки и тоа дава одговор на прашањето и за аспирациите и за амбициите на сите засегнати страни, особено големите сили, за начинот и обемот на управувањето со овој теснец.Суецкиот Канал – вратата меѓу Истокот и Западот
Суецкиот Канал во Египет е една од најфреквентните поморски маршрути во светот. Низ него минуваат околу 10 отсто од глобалниот транспорт на нафта и илјадници брода годишно. Кога овој канал е блокиран, како што светот веќе виде со одредени инцидентни ситуации во последните години, последиците се драматични. Имено, тогаш бродовите се пренасочуваат околу Африка преку ’Ртот на Добрата Надеж, времето на испорака се зголемува за недели, а транспортните трошоци незапирливо растат. Дополнителен проблем е зависноста од алтернативниот т.н. СУМЕД-нафтовод, чиј капацитет е ограничен и не може да го замени целиот морски сообраќај.
Баб ел Мандеб – незабележливото, но клучно тесно грло
Овој теснец, кој ги поврзува Црвено Море и Индиски Океан често е во сенка на Суец, но реално е негов предуслов. Без него, нема пристап до каналот. Сместен во регион со хронична нестабилност (Јемен, т.н. „Рогот на Африка“), теснецот Баб ел Мандеб е изложен на пиратство, оружени конфликти, терористички закани… Блокадата тука автоматски значи прекин на трговијата меѓу Европа и Азија преку Суец.
Босфор и Дардане ли – европската енергетскатесна порта
Овие два теснеца, под контрола на Турција, се единствената морска врска меѓу Црно и Средоземно Море. Тие се клучни за извозот на нафта од Русија и Каспискиот Регион кон Европа. Сообраќајот е густ, просторот тесен, а ризикот огромен. Турција веќе воведе ограничувања за ноќно поминување на големи танкери поради опасност од несреќи. Секој прекин овде би значел намалување на снабдувањето на Европа, дополнителен притисок врз цените на енергентите, зголемена зависност од други поскапи извори…
Малачки Теснец – азиската енергетска линија на животот
Еден од најпрометните поморски коридори во светот, Малачки Теснец е главната маршрута за нафта кон Кина, Јапонија и другите азиски економии. Со оглед на тоа што преку него поминува огромен дел од глобалните нафтени текови, неговата блокада би имала катастрофални последици за индустриското производство во Азија, глобалните синџири на снабдување и на цените на стоките на светските пазари.
Панамскиот Канал – важен, но не пресуден
Иако Панамскиот Канал ги поврзува атлантската и пацифичката страна, неговото значење за транспортот на нафта е релативно помало (околу три отсто). Сепак, неговото затворање би довело до значително подолги маршрути околу Јужна Америка, повисоки трошоци за транспорт и забавување на трговијата. Алтернативите, како Магелановиот Теснец, се многу понеисплатливи.
Географијата како судбина на економијата
Секое од овие тесни грла претставува потенцијална точка на колапс. Во услови на зголемена глобална побарувачка за енергенти, нивната ранливост станува уште поизразена. Последиците од нивно попречување се веќе добро познати, а тоа се одликува со прекин на глобалните синџири на снабдување, инфлација и раст на цените на горивата, недостиг од стоки, забавување на економскиот раст и, се разбира, ризик од глобална рецесија. Примерите од последните кризи јасно покажуваат дека доволно е едно тесно грло да „застане“, за да се разниша целиот светски економски систем.
Така, и покрај технолошкиот напредок и глобализацијата, светската економија останува заробена во географијата. Неколку десетици километри море, теснеци и канали, ја диктираат стабилноста на глобалните пазари. Затоа, осигурувањето на нивната безбедност и проточност не е само логистичко прашање туку стратешки императив за силите што се залагаат за светски мир и економски раст и развој во светски рамки, заради човечкиот просперитет и благосостојба. Во спротивно, како што веќе сведочиме, секое нивно затворање од одредени сили не е само нивен „државен, од национален интерес или империјалистички предизвик“, кој се претставува како локален или минорен регионален проблем. Напротив. Секој обид за нечие преземање, контрола, посебни режими на управување или лошо владеење со морските мореузи и канали претставува глобален економски шок и пат кон агонија на светската економија, не само на помалите земји и нации туку тоа важи и за големите сили. Р.С.

































