ТАБУ-ТЕМАТА НА ЕВРОПА СЕ ОТВОРА НА ГОЛЕМА ВРАТА
- Во Франција, прашањето за францускиот идентитет е поставено и на филозофско ниво. Така и треба. Но Французите самите ќе решаваат за својот идентитет. Затоа и прашањето – зошто тогаш на Македонците им се наметнува инвазивно прашањето за нивниот сопствен идентитет?
- Макроновата рамка за преговори со ЕУ е едно продолжување на геноцидната политика спрема Македонците и тоа мора да биде спречено. Македонците денес се исправени пред својата дилема – кои се денес во 21 век и што имаат во свое наследство од своите предци. Тие не смеат да ја прифатат идентитетската борба на дел од Европа како своја, туку треба за застанат на свои нозе и да утврдат каква иднина имаме во оваа земја
Во време на тектонски геополитички поместувања, како едно од главните прашања неминовно се наметна и тоа за идентитетот на државите и нациите. Ако до вчера сметавме дека оваа тема не е битна, како што ја учеа Македонија дека историјата не била важна (а сега и на големите нации гледаме дека била многу важна), со падот на стариот либерален светски поредок паѓа како Вавилонска кула и глобализацијата, главното сино апче на корпоративниот свет.
Прашањето за идентитетот сега се отвора во Франција пред претседателските избори, кои ќе се одржат наредната година. Оваа табу-тема, која не е само во Франција туку е за европскиот континент, се отвора на највисоко општествено ниво – од врвни филозофи. Каде оди Франција, во каква идна Франција ќе живеат Французите и кој ќе биде нивниот идентитет се прашања на кои се бараат одговори и решенија. А кога се случуваат промени во Франција, затоа што тоа е држава настаната од револуционерни промени, тие нема да бидат само во Европа, туку ќе имаат многу поголем опфат.
„ИДЕЈАТА ЗА ФРАНЦИЈА“
Прашањето за идентитетот, со кое директно се справуваат и крајната десница и радикалната левица, бара политички решенија за залечување на поделбите како што се приближуваат претседателските избори во 2027 година, објаснува Паскал Бланшар, експерт за колонизација. Тој е коавтор на филозофското дело „Дали треба да се извиниме за колононизацијата“, прашање што е едно од најчувствителните за француската република, но и за повеќе држави од Европа. Тоа прашање може да го загрози и ројализмот, како фундаментална политичка основа на европскиот парламентаризам.
– Една година пред претседателските избори во 2027 година, зошто идентитетот зазема толку многу простор во јавната дебата? Без разлика дали ни се допаѓа или не, ќе мора да зборуваме за идентитетот и тоа ќе биде една од главните теми на претседателската кампања, иако не и единствената. Во Франција постои историја, луѓе и наратив што ја обликуваат сегашноста. Колонијалната историја, на пример, останува табу, но е присутна на нашите улици, нашите сеќавања и нашите животи. Фрла светлина врз нешто без преседан: Ниедно друго општество не претрпело толку ненадејни и значајни промени – истакнува Бланшар.
„Идејата за Франција“ сама по себе вклучува вкрстување на повеќе концепти, но главно тоа е конфликт околу тоа дали Франција е нација дефинирана според нејзината историска хомогена култура или според нејзините споделени републикански вредности. А француските вредности и историското наследство се улица што се раздвојува. Се сеќаваме на скандалот кога на фудбалски натпревар се скандираше на интонирањето на „Марселезата“. Кому и зошто му пречи таа химна? Па, да, ќе се согласиме дека идентитетот не е нешто што е дадено здраво за готово (Горан Стефановски) и тој не е зацементиран, туку се менува. Тоа е прашање сега само за Французите. Но дали? Ако е така, тогаш зошто токму Французите им наметнуваат на Македонците нов идентитет преку една обланда наречена рамка за преговори за членство во ЕУ. А ЕУ е организација што може да се распадне или да добие нова форма. Оттука, треба да заклучиме дека не вреди да се дава идентитет за нешто што е неизвесно.
МУЛТИ-КУЛТИ ИЛИ „МЕЛТИНГ ПОТ“
Со идентитетското прашање особено се занимаваше канцеларката Ангела Меркел и токму во нејзиниот мандат беше кажано дека „експериментот“ мулти-култи во Германија (но и во Европа) е неуспешен. Општество во кое ќе функционираат различни ентитети, заедно со домородните Германци, не може да функционира, а тоа значи дека ќе генерира проблеми. Но дали нештата отидоа предалеку во Германија, особено со отворените врати за имигранти, а врвот го доживеа за време на кризата во Сирија, па сега е тешко да се вратат на своите основи, на својот германски архетип? Можеби, но канцеларот Фридрих Мерц се обидува токму со таков пристап – враќање на старите германски прагматични тевтонски принципи и јасно покажување европско лидерство и моќ – економска и воена. Тој сега, по толку многу децении во сенка на другите големи, може на американскиот претседател Доналд Трамп да му каже дека тој и Америка се понижени во војната со Иран. Дали и како ќе му врати Трамп? Не знаеме, можеби и не го гледа ова како сериозна закана, затоа што е очигледно дека влогот на МАГА-концептот е во АфД, партија на крајната десница. Токму таа го крои новиот германски идентитет, било како последица, било како причина.
Европа бараше свој модел на интеграција, затоа што не сакаше да го ископира американскиот модел наречен мелтинг пот, односно казан во кој се мешаат нациите во една – американската нација. И да бидат горди на тоа. Модел што се покажал како успешен во создавање на македонската држава во антиката, особено во време на владеењето на Филип Втори, кој ги обединил 16. македонски племиња. Во Европа никој не сака да биде ставен во казанот. Секој се бори за својот национален или етнички идентитет, па дури и јазичен. Дали Македонците и тука се своевиден исклучок? Само делумно.
ПЕДРО САНЧЕЗ – ЕВРОПСКИ ЛИДЕР ИЛИ МОДЕРЕН ДОН КИХОТ?
Со слабеењето на неолиберализмот, особено во Европа, особено доаѓа до израз судирот на два концепта – левицата и крајната десница. Умерената десница, за жал, го загуби својот препознатлив демохристијански идентитет и Европа повеќе нема со што да се гордее. Доналд Трамп или Џеј Ди Венс и не мораа јавно да им го кажуваат тоа на пријателите од другата страна на Атлантикот, затоа што тоа стана повеќе од очигледно – главни прашања станаа правата на ЛГБТ-заедниците, правото на евтаназија, правото на посвојување деца на геј-браковите… Црквите зјапаат празни, а Ватикан го аминува тоа.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, денес се гледа како една левичарска перјаница, но не само во Европа туку глобално, како некаква надеж на неолибералите дека можат да го преживеат ова геополитичко цунами што доаѓа, силниот бран на суверенизмот. Тој не само што им забрани на Американците да ги користат НАТО-базите туку неодамна во Барселона јавно кажа дека ќе се бори (глобална тепачка) со десничарењето на Трамп. Ова е сериозна фрлена ракавица и може да се смета за поминување на црвените линии на политички бонтон, ако воопшто го има, но Шпанија има глобално влијание, особено во некои држави во САД. Овие пораки на Санчез се своевиден манифест на левицата, или партиите од центарот, кои се залагаат за зачувување на вредностите на светот што го познава(в)ме. Интересна е неговата изјава во која ги напаѓа олигарсите како луѓе што им ги одземаат куќите на сиромашните, односно на просечните граѓани. Но прашањето е кој го создаде тој систем, кој сѐ уште владее? Токму Шпанија настрада во екот на финансиската криза во 2008 година кога хипотекарните кредити беа поопасни од шпанскиот грип во 1918 година. Нели токму тој систем го создадоа либералите? Што, секако, е уште едно прашање поврзано со идентитетот. И конечно, ваквото позиционирање можеби повеќе наликува на акт на модерен Дон Кихот отколку на разумен и прагматичен левичар, кој се наметнува како европски лидер.
МАКЕДОНИЈА – КОНТИНУИРАНА ЦЕЛ НА ИДЕНТИТЕТСКИ ДЕСАНТИ И ФАЛСИФИКАТИ
Пред да прејдеме на прашањето што и како со македонскиот идентитет, ќе потсетиме дека по падот на Виктор Орбан, новиот унгарски премиер Петер Маѓар не се откажа од унгарскиот идентитет. Напротив. Тој прифаќа воук-политики и права на ЛГБТ, што може да се смета за смислен филтер, но клучната поента е што тој позасилено ја промовира империјалистичката идеја и од неговиот претходник. А Македонија е и во таа сфера на влијание, покрај австриската, зад која суверено стои Германија.
Македонија денес е со смачкан идентитет, кој сосема разбирливо не е автохтона промена (еволуција), туку е резултат на агресивни кампањи, пропаганди и странски стратегии, македонскиот идентитет ако не може да се избрише, барем да се видоизмени. Во поновата историја, клучни се неколку историски моменти – првиот е анексија кон Југославија, што е сечење на историската низа, па и на папочната врска со АСНОМ. А, во најново време, тој идентитетски десант е заокружен со договорите со Грција и со Бугарија, кои заедно со Охридскиот договор го бришат историскиот код на македонската нација. Денес е дури забрането да се пишува за врските и наследството на Македонците со Античките Македонци, иако за такво нешто постојат аргументи таложени два милениума. Тоа ни го бришат. Со наметнување, односно странски притисок за да се постигнат и потпишат капитулантските договори од Нивици и за пријателство со Бугарија, насилно се врши асимилација на еден древен народ со свое автентично цивилизациско наследство, а со тоа се пресечени и врските на македонскиот народ со народите со кои во минатото имал трговски, културни и други врски и оставил свое наследство како што е тоа во Египет, Авганистан, па и денешните Грција и Бугарија.
Наметнатата француска Макронова рамка за преговори со ЕУ е едно продолжување на геноцидната политика спрема Македонците и тоа мора да биде спречено. Македонците денес се исправени пред својата дилема – кои се денес во 21 век и што имаат во свое наследство од своите предци. Тие не смеат да ја прифатат идентитетската борба на дел од Европа како своја, туку треба да застанат на свои нозе и да утврдат каква иднина имаме во оваа земја. Дали сакаме да се движиме низ светот како граѓани со коса црта или како горди наследници на Александрова Македонија. И дали тоа наследство ќе можеме да го приспособиме (деривираме) на потребите на новото време. Дали сакаме да напишеме наша македонска Кабала или ќе продолжиме да плутаме низ европската река на измешани идентитети како трупец без смисла, цел и стратегија. Дали сакаме да се бориме и да докажуваме дека ние сме наследниците на древната македонска држава, на древната македонска филозофска академија, наследници на тие што го прегрнаа светиот Павле и го ширеа христијанството, на богомилите, на тие што го создадоа словото, на кирилицата, на своите претходници што се бореа против фашизмот или едноставно ќе дозволиме да исчезнеме. А веќе чекориме на патот кон исчезнување и никому нема да му биде грижа за тоа. Секој ќе се тепа за пленот, затоа што и тоа е дел од идентитетската матрица што денес ја гледаме и следиме во реално време.

































