Фото: Маја Јаневска-Илиева

Синхронизација или случајност:

  • Вајц често е цел на критики од бугарските европратеници, кои го обвинуваат за пристрасност кон Македонија, додека во Македонија неговите изјави се следат со големо внимание поради неговата улога како известувач. Објавувањето стари интервјуа како нови честопати се користи за политички притисок во однос на уставните измени, но и за создавање впечаток за „нов“ бран барања од Брисел, иако реториката е иста веќе подолг период

Повторно се разгоре дебатата кај овдешната јавност околу потребата за уставни измени како единствена можност да се одблокираат македонските евроинтеграции, иако официјалниот став на македонските власти е дека тоа не може да се случи без гаранции за предвидливоста на пристапниот процес.
Но и покрај јасниот и конзистентен став во овие две години, се чини дека притисоците од некои надворешни, но и внатрешни фактори дополнително се засилуваат, особено откако Бугарија се соочи со серија реакции од страна на некои земји членки на Европската Унија, кои отворено побараа пристапниот процес да не се обременува со билатерални прашања, но и да се промени начинот на консензуално одлучување.
Белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево за време на неодамнешната посета на земјава истакна дека земјите членки на ЕУ треба да се договорат кои одлуки би ги носеле со квалификувано мнозинство, а не со консензус. Тој смета дека носењето одлуки со консензус и за други прашања, не само за прашањето за пристапување на Македонија во ЕУ, направило Унијата да нема глас за важни прашања. Кон промена на моделот на гласање тежнее и Германија.
Од своја страна, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, како и неговиот црногорски колега Јаков Милатовиќ, неодамна за време на нивните одвоени посети истакнаа дека пристапниот процес не смее да биде заложник на билатерални прашања.
Сите овие изјави како да го вклучија алармот кај официјална Софија, која откако заврши со изборниот процес како да преоѓа во контраофанзива во однос на македонските дипломатски напори.

Рециклирано интервју – дефокус или агенда?

Имено, деновиве во македонската јавност силно одекнаа пораките што известувачот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц, ги изнесе во интервјуто за „Еуроњуз Бугарија“, во кои упати критики за степенот на остварувањето на реформите, за можноста да не се добијат европски пари, но и за блокираниот процес со уставните измени.
– Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Томас Вајц, напротив, извештајот што јас го имам слушнато е комплетен антипод од вашите прашања – одговори премиерот Христијан Мицкоски, замолен да ја коментира изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека земјава не постигнала никаков напредок во реформите во последната година.
И додека домашната јавност со доза збунетост ги прими пораките на Вајц, човекот што ревносно се бореше Македонија да добие идентитетски гаранции, многу брзо беше обелоденето дека се работи за интервју што известувачот го дал пред неполни два месеца, односно на 5 март, а во кое се изнесени ставови што тој веќе ги имаше искажано во периодот кога се поднесуваа амандманите за извештајот за Македонија во ЕП.
Клучната дилема што се наметнува е зошто сега се објавува ова интервју и дали случајно и реакциите кај дел од некои домашни политички структури само инцидентно се поклопуваат со изнесените ставови објавени во интервјуто на „Еуроњуз Бугарија“ или, пак, се работи за добро координирана акција. Ова се само дилеми на кои македонската јавност бара одговори и ќе ги добие во периодот што следува.

Партиите ја користат секоја можност за меѓусебна конфронтација

И додека домашните политички партии почнаа да си ја префрлаат вината околу она што Вајц го посочи во интервјуто, опозициската ДУИ уште истиот ден најави иницијатива за собирање пратенички потписи во Собранието за внесување на Бугарите во Уставот.
– ВМРО-ДПМНЕ не може сите заедници и граѓани да ги остави во заложништво. Ова се сериозни моменти и потреби, затоа бараме 30 пратеници, а особено ги повикавме пратениците од Влен. Затоа што политичарите се врзуваат со граѓаните и договорот што го создаваат врз програмата и јавно искажаните ставови. Во нивната програма, со лик и глас, го ветија истото тоа. Ако имаат чесност и коректност, треба да стават потпис, а потоа се на ред и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – кажа Беџети на прес-конференција во Собранието, додавајќи дека ова не е политички притисок, туку, како што дополни, реална потреба да се придвижиме напред како држава и да отвориме перспектива за граѓаните.
Ден претходно, поранешниот министер за надворешни работи и член на ДУИ, Бујар Османи, на дебата во врска со евроинтеграциите истакна дека земјава не трпи доволен притисок за да ги реализира уставните измени. Тој посочи дека кога нема притисок од Европа за уставните измени или за напредок, тоа не е добра вест, туку знак на изолација. Неговиот став е дека без тој надворешен „поттик“ (или притисок), домашните политички актери се опуштаат и процесот стагнира, што оди на штета на граѓаните.
И претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во последните неколку дена излезе со многу слична и остра реторика. Неговата изјава беше директна реакција на ставовите на премиерот Мицкоски дека земјата е подготвена да чека со децении доколку не добие цврсти гаранции.

Чудна коинциденција на исти барања

Клучното прашање во дискусиите со повеќе соговорници беше дали е можно во политиката, особено на Балканот, неколку клучни настани да се поклопат во ист ден само по игра на судбината.
– Кога бугарските медиуми одеднаш ќе „рециклираат“ интервју на европратеникот Вајц старо два месеца, каде што децидно се бараат уставни измени, се пали првиот аларм за информативна операција. Зошто токму сега старите ставови на известувачот за Македонија се пакуваат како „ексклузивна вест“? Одговорот можеби не лежи во Софија, туку во совршениот момент со домашните политички маневри. Речиси истовремено, ДУИ ја активира собраниската процедура за собирање потписи за истите тие уставни измени, додека поранешниот министер Османи јавно жали што Брисел веќе не вршел „доволен притисок“ врз Скопје. Кога на ова ќе се додаде и алармизмот на опозицискиот лидер Филипче дека земјата е во целосен застој, се добива впечаток на добро подмачкана внатрешно-надворешна машина. Оваа оркестрирана реторика создава вештачка атмосфера на „итна криза“, токму во моментите кога македонската дипломатија почна да добива сè погласни сојузници во ЕУ, кои сметаат дека билатералните спорови не смеат да го кочат процесот – анализираат нашите соговорници, кои посакаа да останат анонимни.
Според нив, целосно е неразбирливо зошто наместо државен консензус за зацврстување на позициите пред Брисел, одредени внатрешни центри на моќ избираат да го поткопуваат македонскиот бедем во надеж дека ЕУ ќе им ја подари власта во земјава.
– Може само да претпоставуваме, односно дали се работи за одработување за туѓа агенда, која има цел да ја скрши преговарачката моќ на државата пред таа воопшто да се стабилизира или, пак, во прашање е нешто друго? Крајно симптоматично е што овој бран на „притисок однатре“ се појавува токму кога меѓународните аргументи за тргање на билатерализацијата од пристапниот пат почнаа да тежат повеќе. (Не)јасно е кому му пречи македонското обединување околу националните црвени линии и чии интереси се поважни од државната позиција во овој критичен геополитички миг, но дали е тоа така, времето ќе покаже. Индициите водат кон заклучок дека коинциденциите во македонската политика се само добро планирани сценарија, а, за жал, во тоа се уверивме низ многу слични примери во минатото. Човек кога еднаш ќе се изгори на млекото, потоа дува и на маштеницата – констатираат нашите соговорници.