Советот за безбедност и здравје при работа денеска во Скопје организира настан по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, со поддршка од проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“.
Проектот има за цел да придонесе за намалување на повредите и професионалните заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на трудовата инспекција, воспоставување национален информативен систем и унапредување на институционалните капацитети во областа на безбедноста и здравјето при работа, пренесе МИА.
Тој го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија, а ќе трае до октомври 2028 година.
Една од главните пораки на проектот е подигнување на јавната свест за значењето на безбедните и здрави услови за работа како предуслов за достоинствен труд, повисока продуктивност и одржлив економски развој.
Целта е создавање современа и превентивна национална рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со стандардите на МОТ и Европската Унија.
Во рамки на настанот се предвидени обраќања на претставници на институциите, Европската Унија, МОТ, работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа.
Програмата вклучува и стручни излагања и работилница посветени на психосоцијалните аспекти на работата, стресот, менталното здравје на работниците и потребата од создавање здрави работни средини.

































