Новата книга на Александра Велинова промовирана на Саемот на книгата во Скопје
Утре завршува 38. издание на Саемот на книгата, кој од 23 април се одржува во Скопје. Меѓу многуте книги за различна читателска публика, секако важно место имаат книгите за деца, а најголем интерес предизвикаа новообјавените наслови.
Во рамките на Саемот беше претставена илустрираната книга за деца „Сон на балон“ од авторката Александра Велинова, со илустрации на Никола Темков.
Извадоци читаа ученици од ОУ „Љубен Лапе“ од Скопје, под менторство на наставничката Маја Младеновска. Преку видеообраќање, Анастасија, Ана, Лука, Инес и Илари, наши деца што живеат во Германија, Италија и во Франција, истакнаа дека им недостигаат слободата во Македонија, другарчињата, роднините, но и специјалитетите на нивните баби. Сепак, врската со Македонија е нераскинлива. Анастасија снима видеа за родната земја, Ана сонува да игра за женската македонска фудбалска репрезентација, а Инес и Илари сакаат ова лето да го поминат кај нивната баба во Кочани. Лука има желба од септември да учи во училиште во Прилеп и да ги гледа Марковите Кули од прозорецот на неговиот дом, иако е роден во Германија.
Ова најново дело од Велинова посветено на најмладите читатели обработува актуелна тема – иселувањето. Речиси нема дете што нема роднини, пријатели, блиски што живеат во странство. Алексеј се охрабрува да се качи во волшебниот балон и да тргне во потрага по своите другарчиња што се преселиле во Германија, Италија, Франција, Австралија, Канада… Ќе слета на фудбалски терен, ќе се обиде да сурфа, ќе јаде пица во Италија, ќе лета над Нијагарските Водопади и ќе разговара со гулабот – неговиот туристички водич.
– „Сон на балон“ е хумористична, едукативна, емотивна и топла приказна, која зборува за пријателството и моќта на детската фантазија. Таа отвора важни теми за растењето, иселувањето, пријателството на далечина и чувството на припадност. „Сон на балон“ е наменета за деца, но носи силна порака и за возрасните – дека домот не е само место туку и чувство што го носиме во себе – вели авторката Велинова.
Ф.Д.
































