По премиерата на претставата „Ние“ на драмската секција при гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци
- Претставата „Ние“ претставува креативен спој на три значајни драмски дела: „Печалбари“, „Црнила“ и „Адска машина“ на големите македонски драмски автори Антон Панов, Коле Чашуле и Венко Андоновски. Преку оваа сценска адаптација се слушна гласот на народот, молчелив низ вековите, но преточен во гласен бунт на поединецот за подобро и поправедно општество
Сцената на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ минатиот вторник блесна во полн сјај со завршниот проект, театарската претстава „Ние“ на членовите на драмската секција при гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, под менторство на професорката по македонски јазик Васка Петкова.
Публиката беше сведок на исклучителна премиера, со која многу емотивно беа заокружени четири години минати во гимназиските клупи на актуелните матуранти, исполнети со созревање, стекнување нови знаења, градење заедништво и создавање спомени што ќе останат трајни. Гимназијалците приредија вечер исполнета со емоции, искреност и младешка енергија, која долго ќе се раскажува меѓу присутните.
Претставата „Ние“ претставува креативен спој на три значајни драмски дела: „Печалбари“, „Црнила“ и „Адска машина“ на големите македонски драмски автори Антон Панов, Коле Чашуле и Венко Андоновски. Преку оваа сценска адаптација се слушна гласот на народот, молчелив низ вековите, но преточен во гласен бунт на поединецот за подобро и поправедно општество.
– Успехот на оваа театарска премиера уште еднаш го потврди квалитетот на учениците од нашата гимназија, досега многупати потврден на државни и меѓународни натпревари. Со силниот аплауз што го слушнавме вечерва не се затвори само една претстава туку едно средношколско поглавје. Матурантите од драмската секција четири години го градеа својот талент, оставајќи дел од себе на сцената, во секој одигран лик, во секој јавен настап награден со аплауз. Во публиката се почувствуваа силни реакции, тишина, смеа, восхит, а на крајот следуваше долго и искрено ракоплескање. Тоа беше најголема потврда за нивната посветеност, храброст да се изговорат текстовите на овие големи македонски автори и, секако, на нивниот талент – изјави професорката Васка Петкова.
Според неа, затворањето на ова поглавје за матурантите истовремено значи и почеток на потрага по нови животни и професионални патишта.
– Денес им велам на моите гимназијалци големо „благодарам“ за посветеноста, за храброста, за заедништвото и за другарството. Се надевам новите генерации ќе ја продолжат оваа приказна. Овие ученици јасно ни покажаа дека, покрај стекнатите знаења, ги понесоа со себе и стекнатите вредности како храброст, искреност, пожртвуваност и одлучност да останат свои. А тоа не се улоги што се играат на сцена, туку се живеат секој ден – вели менторката Васка Петкова.
Од името на „Колибри“, на матурантите членови на драмската секција при гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, чии имиња често ги испишувавме на страниците на „Нова Македонија“, им посакуваме многу успеси во нивниот натамошен образовен процес.
































