Фото: Приватна архива

Тајните на најдобрите просветни работници: Наташа Тодоровска, одделенска наставничка од Битола

  • Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во оваа рубрика ви ги откриваме „тајните“ на некои од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата посветеност и креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница

Наташа Тодоровска, одделенска и наставничка ментор во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, има 30 годишно искуство во наставата. Звањето наставник ментор го стекнува врз основа на богато професионално портфолио и голем број добиени признанија, меѓу кои „Просветен работник на годината за учебната 2024/2025“ од Сојузот на просветните работници на Македонија, Едуино амбасадор со снимени 19 видеолекции за поддршка на учениците за време на пандемијата на ковид 19. Тодоровска е авторка на едукативни игри за ран детски развој на платформата Едуино, како и национална обучувачка за новата концепција за одделенската настава во основното образование. Таа е обучувачка по математика, според програмата Кембриџ од прво до петто одделение, како и регионална и училишна обучувачка по математика за размислување.

Оваа вредна и посветена наставничка е коавторка на вежбанките по македонски јазик за прво, трето, четврто и петто одделение на издавачката куќа „Арс ламина“, а се јавува и како коавторка на прирачниците за наставници по физичко и здравствено образование за прво, второ и трето одделение, одобрени од Бирото за развој на образованието. Важно е да се каже дека наставничката Наташа Тодоровска е рецензентка на учебниците по математика за четврто и за петто одделение, а исто така е и претседателка на Здружението на одделенски наставници „Учител“, кое функционира на ниво на Македонија.
При средбата со неа, таа топло нѐ пречека во просториите на училиштето во кое работи.
– Добре дојдовте во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола, училиште во кое се испреплетуваат различни култури и животни приказни, обединети околу заедничка цел – создавање ученици подготвени за предизвиците на 21 век- рече таа.
Тодоровска ни раскажа дека во ова училиште, мултикултурноста и инклузијата не се само вредности туку и секојдневна практика што поттикнува соработка, другарување и меѓусебно почитување. Тука, секое дете има можност да учи, да расте и да успее во средина што ја негува различноста како богатство.
Потоа нѐ поведе во нејзината училница.

– Во мојата училница со секоја генерација ученици, играта е клучен метод за учење. Зошто? Затоа што сакам училницата да претставува динамична, поддржувачка и мотивирачка средина, каде што учениците учат преку активно учество, истражување и соработка – вели Тодоровска.
Според неа, играта не е само забава туку и внимателно избран педагошки пристап, кој овозможува полесно разбирање на наставните содржини и постигнување повисоки резултати, особено кај учениците со тешкотии во учењето.
– При планирањето на математички игри најчесто креирам сопствени ресурси (во печатена и дигитална верзија) што им помагаат на учениците да ги совладаат основните операции преку практика и повторување без стрес, развивајќи логичко размислување и самодоверба. Игрите често, по иницијатива на учениците, добиваат и натпреварувачки карактер, со што се поттикнуваат тимската работа, брзина, одговорност кон групата и поддршка на ученици што покажуваат послаби резултати – објаснува Тодоровска.
Од друга страна пак, јазичните игри (игри со картички со зборови, реченици, рими, раскажување, драматизација…) ги поттикнуваат развојот на говорот, читањето и пишувањето на природен и креативен начин.
– За поттикнување на читањето и пишувањето имам изработено голем број наставни материјали, кои како позитивно искуство ги споделувам и со наставници преку социјалните мрежи, во групи наменети за наставници -раскажува наставничката Наташа.

Како наставничка што учествувала како коавторка во изработка на прирачници по ФЗО за прво, второ и трето одделение, Тодоровска смета дека физичкиот развој има клучна улога во личниот и социјалниот развој на учениците.
– Физичките игри ги користам и во училницата, во корелација со реализација на содржините по другите наставни предмети (трка со броеви по математика, подвижни игри по македонски јазик или танцови активности по музичко образование), бидејќи играта треба да биде составен дел од учењето, во согласност со психофизичките способности на учениците – смета наставничката Тодоровска.
Воведувањето на новата Концепција за основно образование и потребата од внимателно планирање на активностите со учениците во продолжениот престој, како и на часовите за слободни изборни активности, ѝ овозможиле да согледа дека токму последниот час од престојот има особена вредност.
– Во тој период, кога се реализираат воннаставни активности за одбележувања значајни настани и празници, реализација на проектни активности, подготовки за конкурси и натпревари, учениците покажуваат најголем интерес и ангажираност – вели таа.

Според неа, преку разновидните игровни активности, учениците учат со радост, се охрабруваат да учествуваат без страв од грешки и полесно ги надминуваат предизвиците, што ја прави училницата место на еднакви можности и успех за сите.
– Мојата визија е воспоставување силен образовен триаголник, неопходен за успешно и квалитетно образование, а тоа е мотивиран и квалитетен наставник – мотивирани и подготвени ученици за доживотно учење – задоволни родители, кои им даваат целосна поддршка на наставниците и на учениците – подвлекува наставничката Наташа Тодоровска.

Ф.Д.