Издавачката куќа „Артконект“, со поддршка од програмата „Креативна Европа“, ја објави книгата „Среќни падови“ од современата украинска писателка Евгенија Белорусец. Книгата е преведена од Андреј Јованчевски.
Белорусец ненаметливо и суптилно, но сепак прецизно и јасно ги отсликува влијанијата на траумата од историските случувања врз интимниот секојдневен живот на луѓето.
Расказите на Белорусец го евоцираат фаталистичкиот хумор на маргинализираните жени, кои ни се откриваат како неочекувани, а сепак толку очигледни хероини. Цвеќарки, козметичарки, селски бабици, невработени девојки, жени што изработуваат хороскоп – Белорусец ги открива своите главни ликови меѓу обичните луѓе и успева од нивните навидум обични ситуации да создаде приказни што имаат длабока книжевна димензија.
Евгенија Белорусец (Киев, 1980) работи како фоторепортерка за повеќе европски медиуми, меѓу кои и реномираниот германски весник „Шпигел“. Членува во интердисциплинарниот уметнички колектив „Худрада“ и основачка е на списанието за уметности „Простори“. Пишува раскази, дневници и репортажи.

































