Министерот за одбрана на Мали, Садио Камара, е убиен во напад извршен врз неговата резиденција во воената база Кати, во близина на главниот град Бамако – објави Радио Франс Интернасионал.
Одговорноста за нападот ја презеде групата Џамаат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин (JNIM), организација поврзана со Ал Каеда.
Според извештаи, вооружени групи во Мали, кои претходно биле во меѓусебни конфликти, започнале координирани напади врз владините сили и главниот град Бамако со цел соборување на владата.
Кратко пред 6 часот наутро по локално време, во близина на главната воена база Кати биле слушнати две силни експлозии и престрелки, додека војниците биле распоредени за блокирање на патиштата, изјавиле очевидци.
Во исто време, немири биле пријавени и во централниот град Севара, како и во градовите Кидал и Гао.
JNIM, која дејствува во регионот Сахел, се смета за една од најактивните вооружени групи во областа.
Сегашната власт во Мали дојде по државните удари во 2020 и 2021 година. Потоа војската ги протера западните сили од земјата и побара помош од Русија во борбата против џихадистите.
Во 2024 година, борци на JNIM нападнаа центар за обука на жандармеријата, при што загинаа околу 70 лица. Во последниот период групата го блокираше и увозот на гориво, што сериозно ги погоди жителите и бизнисите во Бамако.
Владата, предводена од Асими Гоита, неодамна побара поблиска безбедносна соработка со Вашингтон, како и можни партнерства во истражување и експлоатација на минерали.
































