По успешното гостување како режисер на Јордан Витанов во кавадаречкиот театар во 2011 година со претставата „Хамлет од Долно Бошава“ од Иво Брешан, пред две недели започнаа подготовките на комедијата „Ужасите кои ги предизвикува пасивното пушење“,текст на познатиот српски драматург Небојша Ромчевиќ. Праизведбата оваа комедија ја имаше во 2016 година кога беше поставена на репертоарт на белградскиот театар „Звездара“ и доживеа околу 70 изведби.

– На сцената на кавадаречкиот театар ќе се случи втората изведба на овој тест. Комедијата „Ужасите кои ги предизвикува пасивното пушење“ е напишана од современ драматург и во мојата досегашна кариера не сум сретнал толку свеж и актуелен текст напишан за нашиот момент од живеењето, односно една фина комедија за нашата нова догма на живеење – Европската Унија. Станува збор за една забавна, смешна, убава и топла претстава. Иако се спомнува зборот терорист, кој во актуелниот миг е многу опасен и зависи на кого се однесува и кој прв некого ќе нарече терорист, верувајте текстот е тотално безопасен за Европската Унија, таа ќе остане цела и ништо нема да и фали. Дејствието се случува на аеродромот „Шарл Де Гол“ во Париз каде пристигнува професорот Атанас од Македонија, со намера да ја посети својата ќерка која студира дизајн во Париз. Заплетот започнува кога компјутерот на аеродромот покажува три ѕвездички врз основа на што професорот го осудуваат дека е терорист – изјави режисерот Јордан Витанов.

Улогата на професорот од Македонија ќе ја толкува Диме Коцевски, Видан Станоев ќе ги толкува трите лика на полицаецот Жан Клод Мабебе, шефот и на чистачот-терорист, Диме Боцев го толкува ликот на инспекторот Лакан, а Љупчо Мелов ликот на Џек Бауер, американски генерал во пензија, кој се разбира го решава проблемот. Витанов е задоволен од изборот на актерите и се надева дека кавадаречката публика ќе биде задоволна.

Директорот на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ Александар Малинков најави дека оваа е првиот од трите театарски проекти кои ќе се реализираат во текот на 2018 година.

М.М.