Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска во Виена оствари средба со претставници на македонската дијаспора.
Како што објави на својот профил на „Фејсбук“, на средбата се разговарало отворено за предизвиците, но и за можностите за развој на државата.
Мицкоски ги повикал иселениците да размислат за враќање, инвестирање и поактивно вклучување во економскиот развој, истакнувајќи дека Владата работи на создавање стабилна и предвидлива бизнис-клима.
– Нашите луѓе во дијаспората се нераскинлив дел од Македонија. Блиските односи со Австрија треба да ги претвориме во уште посилна економска соработка и нови инвестиции – посочи премиерот.
Тој нагласи дека ваквите средби придонесуваат за градење доверба и заедништво, додавајќи дека поддршката од дијаспората, заедно со силните меѓународни партнерства, е клучна за напредокот на земјата.
Мицкоски престојува во официјална политичка и економска посета на Австрија, во рамки на која е најавена и средба со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
































