Фото: ЕПА

Еврокомесарката за проширување Марта Кос ги предупреди лидерите на земјите од Западен Балкан дека регионот може да изгуби до 750 милиони евра од Европска Унија доколку не се забрзаат реформите предвидени во Планот за раст.

Во обраќање пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Кос истакна дека средствата се строго условени со конкретни резултати и рокови, при што повеќе од 700 милиони евра се доведени во ризик да бидат трајно изгубени доколку реформите не се завршат до јуни или декември 2026 година, пренесе РТЦГ.

Планот за раст предвидува вкупно шест милијарди евра за земјите од регионот, со редовни шестмесечни проценки на напредокот. Доколку реформите не се реализираат навреме, земјите добиваат грејс-период од една година пред средствата да бидат неповратно изгубени.

Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово веќе ги доставија реформските агенди, но со истекот на грејс-периодот во јуни се зголемува ризикот од губење средства.

Според проценките, Македонија ризикува да изгуби околу 49,2 милиони евра, Албанија 67,7 милиони, Црна Гора 15,1 милион, Косово 68,8 милиони, додека Србија може да изгуби меѓу 109,7 и 135,9 милиони евра. Дополнително, српските медиуми предупредуваат дека земјата е под ризик да ги изгуби сите предвидени 1,5 милијарди евра поради застој во реформите.

Најкритична е ситуацијата во Босна и Херцеговина, која сè уште не ја добила ниту првата транша од средствата. Поради политички несогласувања, земјата ризикува да изгуби вкупно 373,9 милиони евра до крајот на годината.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Луиџи Сорека, предупреди дека недостигот на напредок во реформите, вклучувајќи дигитализација, правосудство и намалување на административните процедури, може да има сериозни последици.

Тој нагласи дека Планот за раст не е само техничка рамка, туку стратегија за економски развој, демократски институции и подобар животен стандард, додавајќи дека „постои цена за неактивноста“ и дека времето за дејствување истекува.