Со праизведбата на претставата „Мачкина глава“, Драмски театар Скопје вечерва ќе го одбележи големиот јубилеј – 80 години од своето постоење.
Директорот на театарот Роберт Вељановски потсети дека корените на установата датираат од 21 април 1946 година, кога во тогашниот Македонски народен театар била изведена првата куклена претстава „Силјан Штркот“, во режија на Петре Прличко.
Во текот на децениите, театарот минувал низ повеќе трансформации – од Куклена сцена, преку Градски куклен театар и Младинско-детски театар, до денешниот Драмски театар, кој од 1967 година го носи сегашното име и се позиционира како една од најзначајните театарски институции во земјата.
– Успесите на Драмскиот театар го утврдија како една од најрелевантните театарски куќи во Македонија – истакна Вељановски.
Јубилејот ќе биде одбележан со нова претстава по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Станува збор за наградуван драмски текст кој ја доби европската награда „Еуродрам“ во 2022 година.
Андоновски посочи дека претставата е инспирирана од современите општествени состојби.
– Се обидов да го искажам крикот на денешниот свет – свет на војни и цивилизациски неразумности – рече авторот.
Режисерот Пројковски истакна дека станува збор за постмодерна претстава која ги истражува односите меѓу традицијата и современоста.
– Текстот нуди широчина и отвора важни прашања од светската и домашната политика – нагласи тој.
Во претставата играат повеќе познати актери, меѓу кои Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ и Сара Климоска.
Со оваа премиера, која е 461. во историјата на театарот, Драмски театар Скопје ја одбележува осумдесетгодишната традиција, исполнета со бројни награди и признанија.
По премиерата, „Мачкина глава“ ќе биде на редовниот репертоар на 25 и 30 април.


































