Светлана Соколовска (9) прогласена за читателка рекордерка во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје
Светлана Соколовска учи во четврто одделение во основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје, кое случајно или не се наоѓа веднаш до градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Токму тука таа неодамна беше прогласена за читател рекордер, на нејзина возраст, за изминатата 2025 година.
Убав повод да се сретнеме и да поразговараме со ова симпатично деветгодишно девојче за кое, како што ни откри, читањето претставува вистинско богатство.
Светлана, речиси самостојно научила да чита уште пред да наполни шест години, а оваа убава навика ја негува сѐ до денес. Во библиотеката се запишала по иницијатива на нејзините наставнички Милена Кузмановска и Ангелина Кочева, кои, ете, и на овој начин ги воведуваат своите ученици во светот на книгите и на фантазијата.
И оттогаш во животот на Светлана книгите шират светлина и ја водат само напред во откривањето нови случки, херои, светови… Будат желба за патувања, но придонесуваат таа што помалку време да минува со телефонот и со таблетот.
– Македонски ми е омилен предмет, сакам да пишувам состави на разни теми, но ги сакам и сите други предмети и учењето за мене не е тешко. Убаво ми е на училиште, каде што освен што стекнувам нови знаења, секојдневно другарувам со моите другарки: Мартина, Ања, Илина, Ирис, Василија, Доротеа… Бевме на екскурзија во Маврово и беше многу убаво – ни рече Светлана.
Таа секои две недели ја посетува библиотеката „Браќа Миладиновци“ за да ги врати прочитаните книги и да земе нови. Освен лектирите, кои се задолжителни, таа чита и други книги. И додека во библиотеката ги слуша и препораките на библиотекарката Тина Малиќ Андоновски за некои интересни наслови, надвор ја чекаат мама Лидија или тато Владимир.
Кога се сретнавме, дојде и баба Божа да ѝ прави друштво на внучката.
– Со баба ми често играме табланет, а ѝ ги раскажувам и случките од училиште – вели Светлана.
Баба Божа, пак, рече дека внуката ѝ е многу умно, весело и добро девојче, кое носи радост каде и да се појави.
Мама Лидија вели за својата ќерка дека е долго посакувана рожба.
– Светлана е мило девојче, темпераментно. Знае да биде послушна, но и своја. Трудољубива е, сака да учи, да чита, а како ќе биде во иднина ќе видиме. Нејзина желба е да биде лекарка или наставничка, но ќе видиме што ќе донесе животот – ни кажа таа.
Дознавме дека дома Светлана чита со едно око покриено, бидејќи има страбизам, па лекарите го препорачале тоа. Освен тоа, девојчето има голем диоптер, 7, но и тоа за Светле не е пречка секојдневно да се нурнува во светот на книгите.
– Од лектирите за четврто одделение најголем впечаток ми оставија книгите „Орхан“, „Волшебникот од Оз“ исто така, „Петар Пан“, „Ѕвездени перничиња“, „Хајди“…, а од оние во слободен избор ги издвојувам: „Бајки од Македонија“, „Ѕуница“, Ѕвездени пријатели“, „Сонот на Дедо Мраз“, „Мала веројатност“… Најинтересно ми е кога сакам да читам што побрзо за да видам што ќе се случи – вели Светлана.
На крајот таа ни откри кои ѝ се најголемите желби.
– Би сакала да имам сестра, да чувам куче, но и да патувам. Да го посетам Париз за да ја видам Ајфеловата кула, а во Лондон часовникот „Биг-бен“. Да одлетам во Јапонија за да го посетам Токио и да ги видам сите негови технолошки чуда. Но и да не се случи тоа, јас сум среќна бидејќи секој ден патувам преку страниците на книгите – ни рече Светлана, младата читателка рекордерка.
М.Т.

































