Фото: ЕПА

НБА-ЛИГА

  • Финалисти за сезонава се Шај Гилџес-Александер (Канада) од Оклахома, Никола Јокиќ (Србија) од Денвер и Виктор Вембањама (Франција) од Сан Антонио. Во претходните седум години таа награда ја освоија Јокиќ (трипати), Јанис Адетокунбо (двапати), Џоел Ембид и Гилџес-Александер

Осма година по ред признанието за најкорисен играч во НБА-лигата ќе го добие меѓународен кошаркар, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Финалисти за сезонава се Шај Гилџес-Александер (Канада) од Оклахома, актуелниот МВП, Никола Јокиќ (Србија) од Денвер и Виктор Вембањама (Франција) од Сан Антонио, кој е финалист и во категоријата одбранбен играч на годината.
Серијата меѓународни МВП во НБА-лигата почна во 2019 и 2020 година со Јанис Адетокунбо од Грција, член на Милвоки, потоа Јокиќ од Србија ја освои наградата во 2021, 2022 и 2024 година, Џоел Ембид, роден во Камерун, член на Филаделфија, кој оттогаш стана американски државјанин, ја освои наградата во 2023 година, а Гилџес-Александер од Канада ја освои минатата година, пишува „Асошиејтед прес“. Гилџес-Александер исто така е финалист во категоријата „Клучен играч“ за сезонава.
Гилџес-Александар се обидува да освои две МВП-награди по ред, Јокиќ, кој беше прв или втор пет сезони во низа, се трка за својата четврта МВП-награда во претходните шест години, а Вембањама првпат е финалист во оваа категорија, пишува АП.
НБА-лигата ги објави финалистите за вкупно седум индивидуални награди и синоќа почна со објавување на победниците, прво во категоријата „Дефанзивен играч“, по што следуваат наградите „Клучен играч“ (денеска), „Шести играч“ (утре)…
Финалисти за годинашните индивидуални награди: МВП: Шај Гилџес-Александер (Оклахома), Никола Јокиќ (Денвер), Виктор Вембањама (Сан Антонио); дефанзивен играч на годината: Вембањама, Чет Холмгрен (Оклахома), Аусар Томпсон (Детроит); клучен играч: Ентони Едвардс (Минесота), Гилџес-Александар, Џамал ​​Мареј (Денвер); играч со најголем напредок: Никил Александар-Вокер (Атланта), Дени Авдија (Портланд), Џејлен Дурен (Детроит); шести играч: Тим Хардавеј Јуниор (Денвер), Џејми Жакес Јуниор (Мајами), Келдон Џонсон (Сан Антонио); тренер на годината: Џ.Б. Бикерстаф (Детроит), Мич Џонсон (Сан Антонио), Џо Мацула (Бостон); дебитант на годината: В.Џ. Еџкомб (Филаделфија), Купер Флаг (Далас), Кон Кнуепел (Шарлот), пишува АП. Н.М.