
Обновата на моликата на Пелистер и редовните нуркачки екоакции во Охридско Езеро пример за успешна синергија меѓу граѓаните, науката и институциите
- Стручните интервенции по невремето од пред година и половина што го зафати националниот парк Пелистер, во кое беше направена исклучително висока штета на боровата шума, сега отворија простор за нов хоризонт за развој и живот на еден од највредните шумски симболи, ендемичниот петиглест бор (моликата). Ова е одличен пример за добра практика со заеднички сили, плански и посветено, науката, институциите и јавноста да се мобилизираат во заштита, менаџирање и презервирање на националните богатства, како шумите, реките, езерата, пасиштата, како и живиот свет со растителни и животински видови со кои Македонија изобилува. И перманентните нуркачки екоакции на нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид се пример што треба да се следи
- Пред нас е и предизвикот на зачувување на Охридско Езеро, неговата чистота, грижа за животинскиот свет во него, за пастрмката, јагулата, крапот, ракчињата итн. Имаме многу предизвици. Затоа и ние, нуркачите од центарот „Амфора“ од Охрид, секоја година организираме и реализираме масовни еколошки акции за чистење на дното на Охридско Езеро од механички отпад. Имаме и други акции, многу поизискувачки, како на пример чистење на езерото од т.н. мрежи-духови, заборавени и оставени рибарски мрежи што го девастираат рибниот фонд во езерото. И оваа година на 16 мај повторно организираме голема еколошка акција „Охрид-еко 2026“ на локалитетот Градиште и ги каниме сите заинтересирани да ни се придружат, во интерес на грижата за нашата животна средина и иднината, ни изјави Јовче Секулоски, нуркачки инструктор-тренер со највисок степен во меѓународни рамки
На површина од околу сто хектари во националниот парк Пелистер е забележан забрзан и охрабрувачки напредок во обновата на моликата, автохтониот петиглест бор, кој претставува едно од позначајните природни богатства на земјата. Овој позитивен тренд следува по воведувањето шумски ред и спроведените мерки за расчистување на оштетените стебла по силните временски непогоди од крајот на 2024 и почетокот на 2025 година.
Мобилизирање на експертите и јавноста и поддршка од надлежните
По препорака на експертите и со одобрение од надлежните институции беа отстранети скршените, стари и заболени моликови стебла. Со оваа интервенција се овозможи продор на светлина до шумското тло, што е клучен предуслов за природна регенерација.
– Продре светлината и сега забрзано се развива поник од молика. Во пониските делови, каде што доминира сенка од високите стебла и папратот, нема поник од молика, туку од ела и бука, што укажува на процес на природна замена – објаснува Зоран Пројчевски од паркот.
Доколку не се интервенира, според него, конечниот стадиум би бил буково-елова шумска заедница.
За потсетување, невремето остави сериозни последици. Изразено во бројки, регистрирано е дека околу 1.100 стебла беа паднати, особено во месноста Бегова Чешма, каде што има примероци на моликата стари и до 200 години. Иако моликата физиолошки зрее на возраст од 80 до 100 години, подоцна станува поранлива на болести, штетници и климатски екстреми.
Теренските анализи покажаа дека во 22 пододдела, со вкупна површина од 468 хектари, има значително присуство на заболени стебла, габични инфекции и зголемен ризик од штетници, како и опасност од натамошно сушење.

/ Фото: Амфора
Институционален одговор и експертски зафати на предизвикот
Како одговор на состојбата, Владата формира работна група составена од врвни експерти од областа на шумарството и заштитата на животната средина. До август се очекува да бидат подготвени конкретни препораки за ревитализација и заштита на моликовите насади.
– Целта е да им се даде институционална форма на сите идни решенија. Вклучени се експерти што со години ја истражуваат состојбата на Пелистер. Очекуваме брзи и применливи заклучоци – изјави директорот Иванчо Тошевски, предупредувајќи дека климатските промени дополнително ќе го зголемат притисокот врз овие екосистеми.
За издвојување е дека во изминатите две децении биле формирани само две подмладни јадра со молика. Според стручњаците, доколку ваквите мерки биле континуирано применувани, денешната состојба ќе била значително поповолна. Оваа констатација ја нагласува потребата од долгорочно, систематско управување со шумските ресурси.
Модел за одржливо управување: Пелистер, Охридско Езеро…
Случајот со моликата на Пелистер претставува јасен пример дека со координирана акција меѓу експертите и институциите може да се постигнат видливи резултати во заштитата и обновата на природните богатства. Овој пристап треба не само да се поздрави туку и да се прошири во други сегменти на екологијата, како што е управувањето со водните ресурси, биодиверзитетот и шумите во целина.
– Пред нас се предизвиците со Преспанско Езеро, водите и биодиверзитетот на езерото. Пред нас е предизвикот со Дојранско Езеро и посебниот многу богат екосистем во него. Пред нас е и предизвикот на зачувување на Охридско Езеро, неговата чистота, грижа за животинскиот свет во него, за пастрмката, јагулата, крапот, ракчињата итн. Имаме многу предизвици. Затоа и ние, нуркачите од центарот „Амфора“ од Охрид, секоја година организираме и реализираме масовни еколошки акции за чистење на дното на Охридско Езеро од механички отпад. Имаме и други акции, многу поизискувачки, како на пример чистење на езерото од т.н. мрежи-духови, заборавени и оставени рибарски мрежи што го девастираат рибниот фонд во езерото. Оваа година на 16 мај повторно организираме голема еколошка акција „Охрид-еко 2026“ на локалитетот Градиште и ги каниме сите заинтересирани да ни се придружат, во интерес на грижата за нашата животна средина и иднината – ни изјави Јовче Секулоски, нуркачки инструктор-тренер со највисок степен во меѓународни рамки. Н.М.
Во време на засилени еколошки, климатски, глобални, но и национални и локални предизвици, ваквите иницијативи се повеќе од потребни. Тие претставуваат инвестиција во иднината, не само на природата туку и на општеството, кое зависи од неа. Н.М.































