АТЛЕТИКА
- Ивановски истрча одлично време од два часа, девет минути и 35 секунди и задоцни само 24 секунди зад победникот, Гада Гемсиса Гудета од Етиопија, кој постави нов рекорд на маратонот
Најдобриот македонски атлетски маратонец Дарио Ивановски оствари голем успех на маратонот во Белград (Србија), каде што во мошне силна конкуренција го освои второто место во машка конкуренција. Ивановски истрча одлично време од два часа, девет минути и 35 секунди и задоцни само 24 секунди зад победникот на маратонот, Гада Гемсиса Гудета од Етиопија, кој дојде до победа со време од 2:09:11, што беше и нов рекорд на маратонот во Белград.
Досегашниот рекорд во српската престолнина го држеше Кениецот Џафет Косгеи, поставен на 22 април 2006 година (2:10,54 часа). Трет низ целта на годинашната маратонска трка помина Кениецот Јохан Ерот, кој задоцни 44 секунди.
Ова е уште еден доказ за одличната форма на македонскиот маратонец, кој и понатаму ќе биде еден од нашите главни атлетски адути на претстојните големи светски натпреварувања. Ивановски зад себе на трката во Белград остави четворица Кенијци, кои беа од третото до шестото место, како и уште неколку врвни маратонци од африканските држави, кои ги зазедоа сите позиции до 14. место.
Во женска конкуренција на маратонот во Белград триумфира Еден Алему Дади од Етиопија, која оствари време од 2:30,22 часа. Второто место го освои Кенијката Рут Чепкоеч, со заостанување од 45 секунди зад победничката, а трета беше нејзината сонародничка Каролин Чебичи, со заостанување од 59 секунди. Г.И.
































