Фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Најдобрите четири екипи во прволигашкото женско друштво, од денеска влегуваат во завршната трка, која ќе даде одговор на прашањето кој ќе игра за шампионската титула? Првите натпревари од полуфиналето на плејофот се играат во Штип каде Младост УГД ќе го пречека ланскиот финалист Работнички Скопје од 18:30 часот, односно во Струмица каде половина час подоцна Наковски Волеј ќе ги измери силите со бранителот на титулата Јанта Волеј КВ.

Двомечот, според резултатите во меѓусебните дуели сезонава, меѓу Младост УГД и Работнички Скопје се очекува да донесе голема неизбесност и возбудувања. Овие ривали и во двете соочувања во првенството одиграа маратонски натпревари во пет сета, а скорот е 1-1. Натпреварите изобилуваа со пресврти, надмудрувања и игра на нерви, а со оглед на сериозноста и влогот кој го носат овие дуели, нема сомневање дека двата тима ќе се обидат да го дадат најдоброто од себе на теренот, што истовремено би значело и разврска со тај-брејк. Во натпреварувањето во Купот, Работнички Скопје беше запрен во четвртфиналето, додека Младост УГД стигна само до полуфинале, па така и за двете екипи (најмалку) пласман во финалето на плејофот би бил голем успех сезонава.

Ривалството меѓу Наковски Волеј и Јанта Волеј КВ трае со сезони наназад, па фактот дека играат меѓусебе, без разлика дали е тоа обичен првенствен натпревар или, пак, во полуфинале е мотив сам по себе. Јанта Волеј КВ го носи епитетот шампион, но факт е дека екипата игра променливо сезонава со подеми и падови, за разлика од Наковски Волеј, кој е можеби најконстантната екипа во Првата женска лига ова првенство. Сепак, финалето на Купот на ОФМ, покажа дека и девојките на Наковски имаат слабости, кои противникот може да ги искористи.

Несомнено е дека инспирацијата ќе игра голема улога кај екипите и во двете полуфинални двојки, а нијансите ќе одлучуваат на патот кон финалето, кој се чини дека е широко отворен за сите.

 

ПОЛУФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФ ЖЕНИ

1.НАТПРЕВАР (17.04.2026)

Младост УГД – Работнички Скопје           18:30ч.

Наковски Волеј – Јанта Волеј КВ   19:00ч.