Грујо Сноуден против „Флајдубаи“

  • Го изгубивме ли и умот? Онака прашувам. Ах, да, само што новата политичка ѕвезда во Европа, Петер Маѓар, ги доби изборите во Унгарија, во Скопје му се намести бесилката на пребеганиот некогашен македонски премиер Никола Груевски, кој ќе се беси (метафорички) на Камени мост, па во тој очај единствено што му останува е да го гледа плоштадот на кој доминира Александар Македонски. Правдата би била всушност одмаздата. Зошто? Повелете, читајте…

Има опасни животинки што се активираат кога ќе намирисаат крв. Ги викаат крвопијци и се хранат од туѓата топлина. Ако таков инстинкт се појави кај човек, тогаш велиме дека е крвожеден, што, секако, не е одлика на хуманост, на хуманизам, на висок морал и почитување вредности. Ако крвожедните создадат критична маса, создаваме општество-касапница каде што не владеат законите на правдата, туку законите на џунглата. Дали сме такво општество? Не сум сосема убеден, но се движиме натаму брзо, брутално брзо. Не бројте ги сите инциденти на крвожедните, знам дека ги има премногу само на дневна основа, не барајте само бројки и статистики, пробајте да сочувствувате со жртвите барем за момент, размислете и прашајте се – можеше ли да спасиме нечиј живот? А изгубивме многу животи, премногу. Го изгубивме ли и умот?
Само што новата политичка ѕвезда во Европа, Петер Маѓар, ги доби изборите во Унгарија, во Скопје му се намести бесилката на пребеганиот некогашен македонски премиер, секако и политичка ѕвезда, Никола Груевски, кој ќе се беси (метафорички) на Камени мост, па во тој очај единствено што му останува е да го гледа плоштадот на кој доминира Александар Македонски. Правдата би била всушност одмаздата.
Дали јас пишувам затоа што имам некои врски со Грујота? Ми бил пријател, ми дал паричка, функција…? Не! Не го познавам лично, иако сум го сретнал пред многу години кога беше министер, а средбата беше случајна во „Пентагон мол“ во одделот за храна во Вашингтон. Тој си јадеше во „Мекдоналдс“, јас со кафето во раце културно го поздравив, тој ме отпоздрави и толку. Во една моја колумна го нареков македонско Наполеонче поврзано со проектот „Скопје 2014“. Доволно причини да не ме сака. Но во професијата нема ме сака не ме сака, ние не кинеме листови од детелина, туку анализираме според фактите.
Првото прашање е – за која правда овде во Македонија некои сега повикуваат, сакајќи да го вратат и да го судат Груевски? Човекот што пребега во Унгарија (според мои не докрај проверени информации, операција е изведена со поддршка и знаење на клучна земја од НАТО) и таму доби политички азил затоа што кажал дека во Македонија нема да добие фер судење и дека не му е гарантирана безбедноста доколку биде пренесен во затвор. Според тврдењето на Никола Груевски, тој практично би ја доживеал судбината на еден Методија Андонов-Ченто. Дали Ченто имал фер судење? Дали уште стотици и стотици чентовисти имаа фер судења? Дали педесетината егзекутирани во Велес веднаш по ослободувањето, еден од нив бил и Поп Ѓорчев, угледен аптекар, школуван во Западна Европа, сите стрелани без судење, па фрлени во некоја дупка, имаа фер судење? Не викајте сега овој претерува, ве молам, сакам да ја следите генезата на македонската правда и потоа сите да се прашаме – каде е таа. Во некој ендек, во масовна гробница или ќе ја најдеме во светото ни македонско судство и правосудство. Дали на вевчанци, кои се кренаа во 1987 година против една антинародна одлука на македонската влада што сакаше да им ја земе водата, па ги тепаше и ги претепуваше, некогаш им се извинивме? Дали им ги укинавме пресудата и анатемата? Не, не и не. Никој не ни размислува на таа тема. Како да било нормално за првпат во таа стара Југославија да се употребат електрични пендреци, а се употребија, се тепаа. Тие вевчанци не видоа правда. Дали еден борец за независна Македонија, дисидентот Драган Богдановски, ја виде правдата? Ете и тој бил политички азилант, еден од стотиците Македонци, кои преку грчкиот логор Лаврион како политички азиланти продолжија да се борат за Македонија во некоја западна земја. Мислите дека Драган, Ченто, Панко Брашнаров… се рехабилитирани? Можеме да спиеме на убав мек душек и да веруваме во слатки лаги, но кога зборуваме за македонска правда, таа има сурово и грдо лице. Доказ повеќе е младиот Јане Ченто, еден од осудените за 27 април. Или заборавивме на „шарената револуција“. Или ние овде во Македонија и не сме од Македонија, па заборавивме што ни направи владата на Заев? Еве, ајде да им го направиме меракот – ние не сме од Македонија, ние сме новодојдени луѓе од Северна Македонија и ништо не паметиме на времето пред да дојде овде нашиот месија наречен Зоран Заев. А можеме ли да паднеме уште пониско отколку што тоа ни го направи инсталацијата на Заев и Ахмети? Би требало да бидеме согласни дека доста беше паѓање, тонење.

Сум имал можност да видам екстрадициски документ испратен од нашето Министерство за правда, кое беше отфрлено од една странска земја. Дали македонските граѓани што уредно си плаќаат даноци, мито и ги корумпираат и заб да им поправат знаат дека нашите власти биле одбиени затоа што немале никакви валидни докази, по што било потврдено дека на тие граѓани нема да добијат фер судење. Азилот за нив бил спас од политички прогон. Не е само Македонија таков пример каде што луѓето последната шанса за слобода ја гледаат во политичкиот азил, ќе ги наведам на пример Пуџдемон од Каталонија, Асанж, Едвард Сноуден… Ете токму Сноуден сметаше дека нема да добие фер судење во Америка, па по неверојатни канали најде политичко засолниште во Москва, и тоа уште од 2013 година. Сноуден е американски дисидент, колку и да не ви се верува. Но Македонија стана флагрантен пример за кршење на основните права, меѓу кои и уставно загарантираното право на фер судење со етикета – 2 отсто доверба во судството. Македонија барајќи рогови (колективни права) ги загуби ушите (основните индивидуални права).
Намерно ја поставувам оваа историската генеза на македонското правосудство, кое никако да се оформи, да се реформира, да се откачи од папочната врвца на удбашкиот систем. Зошто и како е едно од најтешките прашања во оваа наша мрачна транзициска историја. Одговорот можеби е во немањето волја да се исправиме за да се поправиме. Затоа сега кога се наметна прашањето како да се биде или не со правдата да го стаса Грујота, треба да видиме кој го бара тоа и зошто? Која правда во Македонија? Таа што ја викаат Валканиот Хари полиција (докази собрани на нелегален начин) или кенгурско судство (специјални лажни судови наменети за судење без потребни докази, што е практично егзекуција)?

Со овие барања, а некако сето тоа го подгреа и младиот талентиран јаврија во матните политички и геополитички води, идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, треба да се има на ум дека добивањето и одземањето азил си имаат обемна судска процедура. Дали политиката може да пресуди пред тоа да го сторат судовите? Секако да, а за тоа најмногу може да зборува еден Џулијан Асанж, кој од Амбасадата на Еквадор, земја што му го укина азилот под притисок, скапуваше во британски затвор. На крајот како политички компромис тој долета некаде на американска територија за демек да му се суди, па беше божем ослободен. Еден маркантен пример за тоа како компромисот може да биде катастрофален пораз на правото и правдата. Дали може и на Македонија да ѝ се случи тоа со случајот „Груевски“. Јас не сум убеден во такво сценарио, но ете да кажеме дека и тоа е можно. Доколку се случи тоа, тогаш треба да бидеме подготвени да бидеме сведоци на еден нов голем циркус, каков што, на пример, беше играта на троновите со амнестиите. Кој може нека си купи билет за еден правец со „Флајдубаи“. Летајте слободно. Така сте посигурни. Златото е повредно од моралот, честа, трудот и патриотизмот.