Siljanovska Davkova Erdogan
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, на која беше констатирано дека односите меѓу двете земји се карактеризираат со силно пријателство, доверба и континуирана поддршка.

Од нејзиниот кабинет информираат дека на почетокот од средбата Силјановска-Давкова изразила сочувство за жртвите во вчерашното пукање во училиште во Турција, посакувајќи брзо закрепнување на повредените.

Таа нагласила дека Турција е близок партнер на Македонија и дека редовно покажува солидарност во тешки моменти, вклучително и при трагедии во земјата.

На средбата било истакнато дека турските институции и компании имаат значајно присуство во Македонија преку проекти и активности на ТИКА, образовната мрежа „Маариф“, културниот центар „Јунус Емре“, како и компании како „Туркиш ерлајнс“ и „Халкбанк“.

Двајцата претседатели се согласиле дека постои потенцијал за дополнително унапредување на економската соработка, зголемување на трговската размена и инвестициите, особено преку претстојниот бизнис-форум.

Разговарано било и за статусот на турската заедница во Македонија, како и за нејзината застапеност во институциите и образовниот систем.

Силјановска-Давкова ја поздравила турската иницијатива „Балканска мировна платформа“, оценувајќи ја како важен механизам за регионален дијалог и стабилност.

На крајот од средбата, таа упатила покана до претседателот Ердоган за официјална посета на Македонија.

Претседателката престојува во Турција по повод учеството на петтиот Дипломатски форум во Анталија.