Вечерва, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Симфониски хоризонти“, на кој како солисти ќе настапат виолинистката Сихана Бадивуку и виолончелистот Паскал Краповски. Диригент е Десар Сулејмани (Германија), а на програмата се увертира од операта „Поетот и Селанецот“ од Ф. фон Супе, концертот за виолина и виолончело „Музата и поетот“ од К.Сен-Санс, „Тешкото“ од Г. Смокварски и Симфонијата број 9 од А. Дворжак.
Десар Сулејмани е германски пијанист и диригент, роден во Албанија, чија уметничка дејност се развива на пресекот меѓу музичката интерпретација, едукацијата и културната размена. Од почетокот на своите студии во 1998 година, Сулејмани гради богата и разновидна уметничка кариера. Покрај концертната активност, Сулејмани е високоценет педагог. Како уметнички раководител и диригент стои зад голем број значајни институции и проекти, меѓу кои Германската рајнска филхармонија, концертните серии „Про класик“ во Кенигсвинтер и „Класика во уметнички простор“ во Бад Хонеф, Европската летна музичка академија во Косово, Младинскиот оркестар на Западен Балкан, Источнобаварскиот младински симфониски оркестар, како и „Денови на симфониски оркестар“ во Вупертал. Во периодот од 2020 до 2025 година, Сулејмани ја извршува функцијата раководител на Одделот за клавијатурни инструменти при музичкото училиште „Фолкванг“ во Есен.
Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Солистичките и камерните настапи за Бадивуку се силна мотивација, а позитивните критики од стручната јавност и од публиката ја ставаат на висока позиција во музичкиот свет. Има одржано концерти во Косово, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Русија, Финска, Ирска, Шпанија, Словенија, Белгија и во САД. Изминативе години им го пренесува своето огромно искуство на своите ученици, кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат. Од 1992 година е професорка на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та концерт-мајстор на Косовската филхармонија. Дел е од дуото со Маја Кастратовиќ со која имаат активна професионална соработка од 1994 г., па сѐ до денес.
Паскал Краповски активно го презентира својот уметнички израз на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на „Мјузик прогресив квартет“.
Со истата програма, на 18 и 19 април Македонската филхармонија ќе гостува во Германија, Бон – родното место на Бетовен, и во Оберхаузаен, со што ја потврдува улогата на Македонија како земја со богата музичка традиција. Концертите на Македонската филхармонија во Германија се составен дел од свечениот настан по повод петгодишнината од партнерството меѓу Северна Рајна-Вестфалија и Македонија.
































