Билборд за Ормускиот Теснец со натпис „засекогаш на раката на Иран“ во Техеран / Фото: ЕПА
  • Запирањето на поморската трговија кон и надвор од Иран преку американската блокада на Ормускиот Теснец не го стивнува оптимизмот во Вашингтон за продолжување на мировните преговори со Техеран во Исламабад, што може да се заклучи од последните изјави на американскиот претседател Трамп и на неговиот потпретседател Џеј Ди Венс

Соединетите Американски Држави вчера соопштија дека нивната армија целосно ја запрела поморската трговијата кон и надвор од Иран, додека американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека разговорите со Техеран за завршување на војната би можеле да продолжат неделава, што ги намали цените на нафтата втор ден едноподруго.
Трамп рече дека преговорите меѓу американските и иранските претставници би можеле да продолжат во Пакистан во следните два дена, а американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги водеше разговорите што завршија без пробив, изминатиот викенд, посочи дека се чувствува позитивно во врска со сегашната ситуација. Американскиот лидер Трамп кажа дека следуваат „два неверојатни дена“ во изјава за „Еј-би-си њуз“, додавајќи дека не смета оти е потребно продолжување на двонеделното примирје, кое завршува во вторник.
Официјални лица од Пакистан, Иран и од Персискиот Залив, исто така, изјавија дека преговарачките тимови од САД и од Иран би можеле да се вратат во Пакистан во текот на неделава, иако еден висок ирански извор рече дека не е одреден датум.

Дополнителна неизвесност за нафтените компании и превозниците

И покрај оптимистичката нота, повеќе бродови беа вратени поради блокадата на САД врз иранските пристаништа. Адмиралот Бред Купер, шеф на Централната команда на САД, рече дека американските сили целосно ја запреле економската трговија што влегува и излегува од Иран по поморски пат, што, според него, поттикнува 90 отсто од економијата на Иран.
– За помалку од 36 часа откако беше спроведена блокадата, американските сили целосно ја запреа економската трговија што влегува и излегува од Иран по море – рече Купер во објава на социјалната мрежа Икс.
Претходно, американската војска соопшти дека пресретнала осум танкери за нафта поврзани со Иран од почетокот на блокадата во понеделникот, според „Волстрит џурнал“.
Блокадата создаде дополнителна неизвесност за превозниците и нафтените компани. Сообраќајот останува на само одреден дел од над 130-те дневни премини пред почетокот на војната на САД и Израел против Иран на 28 февруари, соопштија извори од индустријата во вторникот.
Пазарот може да изгуби пристап до понатамошно снабдување бидејќи САД не планираат да го обноват 30-дневното ослободување од санкциите за иранската нафта на море што истекува неделава, според двајца американски функционери, и тивко дозволија слично ослободување од санкции за руската нафта да истече за време на викендот.
Војната го натера Иран ефикасно да го затвори Ормускиот Теснец, клучен глобален воден пат за транспорт на сурова нафта и гас, и да ги намали испораките од Заливот до глобалните купувачи, особено во Азија и Европа, оставајќи ги увозниците да се борат да обезбедат алтернативни резерви.

Извесно враќањето на преговори во Исламабад, точки на раздор остануваат иранската нуклеарна програма и израелските напади врз Либан

Трамп, во разговор за „Њујорк пост“ во вторникот, рече дека неговите преговарачи веројатно ќе се вратат во Исламабад, Пакистан, благодарение главно на „одличната работа“ што ја направи началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, за модерирање на разговорите. Истиот ден американскиот потпретседател Џеј Ди Венс рече дека Трамп сакал да склучи „голем договор“ со Иран, но дека имало голема недоверба меѓу двете земји.
Знаците на дипломатски ангажман за ставање крај на конфликтот што започна на 28 февруари помогнаа да се смират пазарите на нафта, туркајќи ги референтните цени под 100 долари втор ден по ред во средата. Азиските акции пораснаа, додека доларот, кој е безбедно засолниште, се стабилизираше откако падна седма сесија по ред преку ноќ.
Нуклеарните амбиции на Иран беа клучна точка на препирката на разговорите за време на изминатиот викенд. САД предложија 20-годишна суспензија на сите нуклеарни активности од страна на Иран, додека Техеран предложи запирање од три до пет години, според луѓе запознаени со предлозите.
Зборувајќи во Сеул, Јужна Кореја, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, рече дека времетраењето на каков било мораториум за збогатување на иранскиот ураниум е политичка одлука и дека е можно Техеран да прифати компромис како чин за создавање доверба. САД, исто така, инсистираат секој збогатен нуклеарен материјал да се отстрани од Иран, додека Техеран бара да се укинат меѓународните санкции против него.
Извор вклучен во преговорите во Пакистан рече дека разговорите од викендот донеле напредок во затворањето на тој јаз, приближувајќи ги двете страни до договор што би можел да се предложи на нова рунда разговори.
Израел сепак продолжи да го напаѓа Либан додека се насочува кон Хезболах, милитантната група поддржана од Иран, што ги компликува мировните перспективи. Израел и САД велат дека таа кампања не е опфатена со прекинот на огнот, додека Иран инсистира дека е. Околу 5.000 луѓе загинаа во досегашните непријателства, вклучувајќи околу 3.000 во Иран и 2.000 во Либан. Р.С.