Фото: Маја Јаневска Илиева

Обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува сериозен напад врз мирот, стабилноста и соживотот во државата, оценија Комисијата за односи со верските заедници и лидерите на петте верски заедници.

Во заедничка реакција, прочитана од директорката Оливера Трајковска, тие остро го осудија инцидентот што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразија солидарност со Еврејската заедница, пренесе МИА.

 – Секое посегнување по туѓа светиња, без разлика на верската припадност, значи нарушување на основните вредности – почитта, слободата и човечкото достоинство. Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената – беше истакнато на прес-конференцијата.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Оттаму упатија повик до граѓаните да покажат одговорност и разум и да останат чувари на соживотот, нагласувајќи дека меѓусебната почит е една од најголемите вредности што треба да се зачуваат за идните генерации.

На настанот присуствуваа претставници на сите поголеми верски заедници во земјата, кои заеднички испратија порака за единство и осуда на насилството.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, нагласи дека станува збор за изолиран инцидент и дека е поважно да се извлече поука отколку да се шпекулира за мотивите.

 – Вакви настани не се случиле уште од 1943 година, кога беа депортирани 7.144 македонски Евреи во Треблинка. Никогаш досега не била запалена синагога во Македонија – рече Леви.

Тој додаде дека, и покрај глобалните тензии, верските заедници во земјата досега успешно одржувале стабилност и меѓусебна поддршка, изразувајќи доверба дека институциите ќе ги откријат сторителите и ќе спречат вакви инциденти во иднина.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, истакна дека меѓу верниците нема тензии и дека соживотот во земјата се развива во позитивна насока.

 – Ваквите појави не произлегуваат од ниту една религија во Македонија. Надлежните институции треба да утврдат кој стои зад овој чин – порача Фетаху.