ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026
Трета победа на Златков во низа, втора за Ристески Лазов и Велјаноски ги загубија своите партии во петтото коло
Четворицата македонски претставници на 26. поединечно Европско првенство (ЕП), кое се одржува во Катовице (Полска) во 11 кола, во конкуренција на 501 шахист од 41 држава (94 ВМ), во петтото коло остварија променлив резултат, односно две победи и два пораза. ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (2.299, рангиран 254-ти на турнирот) продолжува со одличната игра и во ова коло со црни фигури го победи шпанскиот интернационален мајстор (ИМ) Диего Мачијас Пино (2.495, 91). За Златков ова е трета победа во низа, а четврта вкупно, по поразот во првото коло. Цел поен освои и ИМ Емил Ристески (2.416, 152.), кој со црни фигури го принуди да се предаде ФМ од Полска, Матеуш Брожина (2.242, 298.), што е негова втора победа по двете ремија и еден пораз. По вторпат загубија ИМ Тони Лазов (2.389, 183.), како „бел“ од германскиот ВМ Коста Леонардо (2,556, 45.), и ФМ Андреј Велјаноски (2.255, 287), како „црн“ од украинскиот ИМ Владислав Бахматски (2.442, 94.), што е исто така втор пораз.
По ова коло, Златков е извонреден 35-ти, односно 119 места над почетното рангирање, со играчки перформанс од 2.595 поени и 36 нови рејтинг-поени. Ристески е моментно 207. со три поени. Велјаноски е 211-ти со 2,5 поени, односно 76 места над почетното рангирање, со играчки перформанс од 2.471 поен и нови 27 рејтинг-поени. Лазов исто така со 2,5 поени е на 233-то место. На шест кола до крајот, дури шестмина се на врвот со по 4,5 поени, но според дополнителните критериуми, води ВМ од Шпанија, Едуардо Отуризага Бонели (2.575, 36.). Прворангиран на ЕП, ВМ од Украина, Игор Коваленко (2.685), кој засега со 3,5 поени е на 107-то место. Г.И.
ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ
Синдаров на чекор до целта Кај шахистките Џинер ја победи Рамешбабу и ја стигна на врвот
Велемајсторот (ВМ) Јавокир Синдаров е сѐ поблиску до конечен триумф, откако сите четири партии во 12-то коло завршија со реми. Младиот Узбекистанец ремизираше против Американецот Хикару Накамура (33 потег), избирајќи претпазлив пристап во партијата, во која ја имаше предноста на почетниот потег. На две кола до крајот, тој е на чекор до конечна победа на Турнирот на кандидатите, кој се игра во кипарскиот град Пафос, а со тоа и да го предизвика актуелниот шампион, Индиецот Домараџу Гукеш. За тоа му е потребен само уште половина поен. Другите партии меѓу Русинот Андреј Есипенко и Индиецот Прагнананда Рамешбабу, Германецот Матијас Блубаум и Американецот Фабијано Каруана, односно Кинезот Ји Веи и Холанѓанецот Аниш Гири завршија мирољубиво иако Гири беше блиску да освои цел поен.
Во женскиот дел, Жу Џинер од Кина со импресивна игра како „црна“ извојува победа над дотогаш водечката Ваишали Рамешбабу од Индија и ја стигна на врвот на табелата. Казахстанката Бибисара Асаубаева исто така освои цел поен против Русинката Катерина Лагно, а победи и Тан Жонгји од Кина против Индијката Дивја Дешмух. Украинката Ана Музичук пропушти добиена завршница против Русинката Александра Горјачкина. На две кола до крајот, прашањето за победничката на турнирот останува отворено.
Табела, мажи: Синдаров (рејтинг 2.745) девет поени, Гири (2.753) седум, Каруана (2.795) шест, Веи (2.754), Блубаум (2.698), Накамура (2.810) по 5,5, Рамешбабу (2.741) пет и Есипенко (2.698) 4,5.
Табела, жени: Рамешбабу (2.470) и Џинер (2.578) по седум поени, Музичук (2.522) и Асаубаева (2.616) по 6,5, Лагно (2.556) и Горјачкина (2.534) по 5,5, Дешмух (2.497) и Жонгји (2.535) по пет. Г.И.
КОШАРКА
Почнува доигрувањето во НБА-лигата
Двојките за т.н. плејин-турнир се одредени и со тоа пристигна постсезоната во кошаркарската НБА-лига. Така, Шарлот ќе игра со Мајами утре, а потоа е дуелот Филаделфија – Орландо, од каде што победникот ќе се сретне со Бостон во 1. коло во Источната конференција. Победникот на мечот Шарлот – Мајами ќе гостува кај поразениот тим од мечот Филаделфија – Орландо, за да се одлучи кој тим ќе игра со првопласираниот Детроит, во 1. коло. На Западот играат Феникс – Портланд, победникот потоа со Сан Антонио во 1. коло, а играат и Лос Анџелес клиперс – Голден стејт, од каде што победникот ќе се сретне со поразениот на мечот Феникс – Портланд, за победникот да игра со Оклахома во 1. коло.
Двата првопласирани тима во секоја конференција, Детроит и Бостон, односно Оклахома и Сан Антонио, ќе ги чекаат ривалите од плејин-турнирот. А познатите двојки од 1. коло се Кливленд – Торонто и Њујорк – Аталанта во Источната, односно Лос Анџелес лејкерс – Хјустон и Денвер – Минесота во Западната конференција. Н.М.































