Фото: Пиксабеј

Комитетот за човекови права при Обединетите нации утврди дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, откако домашните судови одбиле да регистрираат невладина организација без соодветно правно образложение, пренесе МИА.

Станува збор за индивидуална жалба поднесена од историчар, член и коосновач на повеќе организации на етнички Македонци, кој тврди дека ниту една од нив не била регистрирана во Бугарија поради политика на непризнавање на македонскиот идентитет.

Во конкретниот случај, тој побарал регистрација на здружението „Комитет за заштита на човековите права Толеранција“, при што ги доставил сите потребни документи и дополнителни информации. Сепак, надлежните институции ја одбиле регистрацијата со кратко и нејасно образложение, повикувајќи се само на одредени законски одредби, а таквата одлука била потврдена и од Апелациониот суд.

Комитетот оцени дека одлуките на бугарските судови биле нејасни и претерано формалистички, без да се разгледаат доставените дополнителни аргументи и без да се објасни кои конкретни законски одредби биле прекршени. Оттаму, заклучи дека одбивањето на регистрацијата не било оправдано, ниту неопходно и пропорционално.

Членката на Комитетот, Ивон Дондерс, истакна дека слободата на здружување е темел на демократското општество и дека здруженијата кои промовираат толеранција и коегзистенција мора да бидат заштитени, без оглед на тоа дали нивните ставови се прифатени од властите или мнозинството.

Комитетот ја повика Бугарија да ги преиспита судските одлуки, да овозможи регистрација на здружението и да му обезбеди соодветна отштета на подносителот на жалбата, вклучително и покривање на правните трошоци. Дополнително, од државата се бара во рок од 180 дена да достави извештај за преземените мерки за исправка на состојбата.