Четворица астронаути од мисијата „Артемис II“ успешно се вратија на Земјата по десетдневен лет околу Месечината, со што е означен првиот американски лет со екипаж во нејзина близина по повеќе од половина век.
Екипажот, составен од Рид Вајсман, Кристина Кох, Виктор Гловер и канадскиот астронаут Џереми Хансен, слета со капсулата „Орион“ во Тихиот Океан, во близина на Сан Диего.
Капсулата безбедно се приземји со помош на падобрани, по што спасувачките екипи брзо пристигнаа на местото на слетување. Пред самото влегување во атмосферата, накратко беше изгубена комуникацијата со контролата на мисијата во Џонсон Спејс Центар, што е вообичаена појава при вакви мисии.
По иницијалните проверки, астронаутите ја напуштија капсулата и со хеликоптер беа префрлени на бродот „УСС Џон П. Мурта“, каде што им беа направени првите медицински прегледи.
За време на мисијата, тие поминале над 1,1 милион километри и поставиле нов рекорд за најголема оддалеченост на луѓе од Земјата, надминувајќи го достигнувањето на мисијата Аполо 13.
Успешното завршување на мисијата претставува значаен чекор во рамките на програмата „Артемис“ на НАСА, која има за цел враќање на човекот на Месечината. Следната мисија, „Артемис III“, се очекува да биде лансирана околу 2027 година, додека слетување на Месечината е планирано за 2028 година.
На екипажот им честиташе и американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи ја мисијата како „спектакуларна“ и најавувајќи идни амбициозни чекори, вклучително и мисии кон Марс.
































