Студентската тематска изложба „Дисторзии“, која е поставена во Младинскиот културен центар, претставува кураторски проект насочен кон истражување на системската дисторзија како општествен и институционален феномен што директно влијае врз обликувањето на младинската креативност.
На изложбата учествуваат студенти од Eвропскиот универзитет, кои преку различни медиуми – сликарство, инсталација, мултимедија, фотографија и интердисциплинарни практики – нудат критички и визуелно артикулирани интерпретации на состојбите што ја дефинираат нивната генерација. Проектот ги разработува аспектите на искривување на вредносните системи, нарушување на перспективите, притисокот врз индивидуалниот израз, како и адаптацијата и отпорот како паралелни механизми на дејствување. Фокусот на „Дисторзии“ не е насочен кон декларативен активизам, туку кон аналитички пристап, симболички јазик и формална експериментација. Целта е да се изгради кохерентна изложбена целина што ќе понуди јасна концептуална структура и професионална презентација на современите уметнички практики кај младите.
Проектот е организиран од Ана-Марија Матх, во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која учествува како селектор на авторите. Изборот на учесниците се темели на концептуална релевантност, визуелна издржаност, оригиналност и медиумска разновидност.
Изложбата ќе може да се посети до 19 април.
































