Промоцијата и дистрибуцијата на филмот „Малдорор“ од Фабриц ди Велц, кој се прикажуваше изминатиов период во кинатата низ регионот, во Македонија ги заокружуваме со три проекции во Кинотеката на Македонија. Филмот ја освои наградата на публиката на Јадранската мрежата на фестивали, која беше доделена на 31. издание на Фестивалот на авторски филм во Белград и благодарение на оваа награда, од 19 март до 9 април се прикажа во градовите низ регионот на поранешна Југославија.
„Малдорор“ е трилер инспириран од вистински настани од Белгија во средината на деведесеттите години на минатиот век. Приказната започнува кога две девојчиња исчезнуваат, а младиот и импулсивен полициски регрут Пол Шартие е распореден во тајна единица наречена „Малдорор“, формирана за да следи опасен сексуален престапник. Кога операцијата не успева, разочаран од ограничувањата на правниот систем, Шартие се впушта во соло-потрага решен да ги пронајде и да ги изведе сторителите пред лицето на правда. Филмот претставува силен и реалистичен приказ на борбата против длабоко вкоренетото зло, но и на општеството, кое потфрла пред најранливите. „Малдорор“ е првиот дел од планираната трилогија на Фабрис ди Велц за темната страна на белгиската историја, моќта и правдата. Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција.
































