КРИК ќе се одвива од април, па сè до доцна есен
КРИК – фестивалот за критичка култура – ќе се одвива од април, па сè до доцна есен, како простор за континуиранo промислување, заедничко соочување и истражување во релација со годинашната тема „Грижа: начини да се биде заедно“. Во време кога општествата низ светот и Европа се соочуваат со сè подлабока изолација, насилство, исцрпеност и фрагментација, прашањето како да бидеме заедно, грижливо, одговорно и посветено станува истовремено итно и лично.
– Грижата ја промислуваме не исклучиво како приватна и емоционално засегната категорија, туку како колективна и политичка практика. Грижата ја читаме како серија граѓански, индивидуални и заеднички практики, кои се јавуваат онаму каде што институциите потфрлаат и изневеруваат. Тие практики подразбираат спектар на начини на градење доверба, редефинирање и одново воспоставување на моделите на солидарноста и преобмислување на условите за демократски живот. Фестивалот не нуди готови одговори, туку отвора простор да размислуваме за грижата не само како форма на одржување туку како отпор, не само како поддршка туку и како начин на повторно присвојување на моќта – како нешто што се раѓа во меѓупросторот на ранливоста и одговорноста, помеѓу нужноста и можноста – велат организаторите.
Програмата започнува со две предавања што ја поставуваат рамката на фестивалот: „Кураторство – грижата како задоволство и модел на работа“ од Франциска Вернер и „Грижа за граѓанската заедница“ од Карена Шлевит-Смит. Тие го практикуваат кураторството како комплекс на работни меѓучовечки односи, услови и заеднички простори и ја прошируваат дискусијата кон пошироките општествени и политички димензии на грижата, како практика што се простира од личното кон колективното.
Во мај, програмата продолжува со програмата „Критичко читање преку филм“, во соработка со Фестивалот за човекови права од Загреб, курирана од Петар Милат. Селекцијата документарни филмови ги истражуваат емпатијата, солидарноста и заедничката одговорност, пренесувајќи ја темата на грижа во филмска форма.
Во срцето на фестивалот, кон крајот на јуни, ќе следува серија јавни презентации посветени на три влијателни книги што го обликуваат тематскиот хоризонт на изданието. Книгата „Пиратска грижа“ претставена од авторите Томислав Медак, Валерија Грациано и Марсел Марс ќе отвори прашања за колективните инфраструктури на грижа и отпор. „Овој живот: Секуларна вера и духовна слобода“ од Мартин Хеглунд ќе ги отвори темите за одговорноста, минливоста, слободата и секојдневната етика на заедничкото живеење, како и значењето и критичкото исчитување на демократскиот социјализам. Програмата ќе се заокружи со предавањето и презентацијата на Алиса Жулина и нејзината исклучително важна театролошка и политичко-филозофска книга, „Театарот на капиталот: модерната драма и економскиот живот“, со што ќе ја прошириме дискусијата кон интердисциплинарното поле, кое ги поврзува економијата, театарот и општествениот живот.
Фестивалот продолжува во септември и октомври со уметничката програма, преку изложби, перформанси и интервенции во просторот, а повеќе детали ќе бидат објавени дополнително. С.Ј.
































