Фото; Маја Јаневска Илиева

ШАХ – ТУРНИРИ НА КАНДИДАТИТЕ

  • Кај шахистките дури пет се израмнети на врвот

Велемајсторот (ВМ) од Узбекистан Јавокир Синдаров ја зголеми предноста на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот шаховски првак, во Пафос (Кипар), на два поена. Тој во црни фигури ремизира во осмото коло против Андреј Есипенко од Русија (по 24 потези) и сега има 6,5 поени. Најблискиот конкурент Фабијано Каруана од САД загуби од сонародникот Хикару Накамура, а Аниш Гири од Холандија му се придружи на Каруана на втората позиција, откако го победи Прагнананда Рамешбабу од Индија. Кинезот Ји Веи и Германецот Матијас Блубаум ремизираа.

Кај шахистките, пак, стана многу повозбудливо на врвот. Водечката на табелата Ана Музичук од Украина загуби од Дивја Дешмух од Индија, што значеше дека пет од осумте шахистки сега се израмнети на врвот со по 4,5 поени. Катерина Лагно од Русија ја победи сонародничката Александра Горјачкина, кинескиот дуел го доби Жу Џинер против Тан Жонгји, а ремизираа Бибисара Асаубаева од Казахстан и Ваишали Рамешбабу од Индија.

Табела, мажи: Синдаров (рејтинг 2.745) 6,5 поени, Каруана (2.795) и Гири (2.753) по 4,5, Рамешбабу (2.741), Блубаум (2.698), Веи (2.754) и Накамура (2.810) по 3,5 и Есипенко (2.698) 2,5.

Табела, жени: Дешмух (2.497), Рамешбабу (2.470), Музичук (2.522), Џинер (2.578) и Лагно (2.556) по 4,5 поени, Горјачкина (2.534) и Асаубаева (2.616) по 3,5 и Жонгји (2.535) 2,5. Г.И.