Фото: МИА

Во организација на премиерот Христијан Мицкоски, денеска во хотел „Хилтон“ се одржа велигденски ручек на кој присуствуваа државниот врв, верските лидери и претставници од јавниот и политичкиот живот, пренесе МИА.

Меѓу гостите беа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот Стефан, поглаварот на ИВЗ Шаќир Фетаи, како и министри, пратеници, градоначалници и медиумски претставници.

Премиерот порача дека Велигден е симбол на надеж, љубов и нов почеток, нагласувајќи дека токму преку заедништвото и човечноста може да се надминат сите предизвици.

– Овој празник нè потсетува дека со сплотеност и меѓусебна почит можеме да изградиме подобра иднина за нашата држава – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека ваквите настани се важни за негување на традицијата и зајакнување на вредностите што ги обединуваат граѓаните.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оцени дека настанот бил можност за унапредување на институционалната соработка во духот на заедничките вредности, додека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека празничната атмосфера симболизира заедништво, почит и солидарност.

Од присутните беше испратена заедничка порака дека велигденските празници треба да донесат мир, разбирање и позитивна енергија кај сите граѓани.