фото: Влада

Светскиот ден на Ромите не треба да биде само симболично одбележување, туку потсетник за вистинските вредности – човечкото достоинство, еднаквоста и потребата од конкретни мерки. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека е време за одлуки, визија и храброст, пренесе МИА.

Тој посочи дека клучот за напредок лежи во образованието, кое мора да биде достапно за секое ромско дете. Според него, потребни се училишта без поделби, систем што создава можности и наставници кои препознаваат потенцијал наместо предрасуди.

Мицкоски потенцира дека ромската заедница е составен дел од општеството – од неговата историја, култура и иднина – и дека предизвиците и неправдите мора да се признаат и надминат преку конкретни политики.

Тој нагласи дека интеграцијата не значи асимилација, туку создавање услови за еднакви можности. Во таа насока, Владата, како што рече, работи на подобрување на пристапот до образование преку стипендии, намалување на напуштањето на училиштата, како и мерки за вработување, преквалификација и поддршка на мали бизниси.

Дополнително, се инвестира во подобрување на условите за живот преку инфраструктура, домување и пристап до основни услуги, особено во заедниците кои долго време биле запоставени.

Премиерот подвлече дека покрај институционалните мерки, неопходна е и промена на општествената свест, односно рушење на предрасудите и создавање општество во кое секој човек ќе има еднаква шанса за достоинствен живот.