По долгогодишни одложувања и административни пречки, започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзална сала, еден од најпрепознатливите културни симболи на Скопје, пренесе МИА.
Од Министерството за култура и туризам информираат дека постапката за избор на изведувач е успешно завршена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбила жалбата како неоснована и го потврдила изборот на најповолна понуда. Со тоа е отстранета и последната правна пречка за почеток на градежните работи.
Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а рокот за завршување на реконструкцијата е предвиден до декември 2027 година. Овој зафат претставува дел од подготовките на градот за кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028.
Со обновата, Скопје треба да добие современ, функционален и репрезентативен културен објект, наменет за театарски претстави, концерти, фестивали и други значајни настани.
Од Министерството потенцираат дека станува збор за инвестиција во развојот на културата, поддршка на уметниците и создавање подобри услови за публиката, со цел зајакнување на културниот идентитет и унапредување на културната сцена во земјата.
































