Кинеските научници претставија генетски модифицирани растенија што светат во темница, иновација за која тврдат дека би можела да го промени начинот на кој ги осветлуваме градовите, но и да ги подобри туризмот и одржливиот дизајн. Ова се растенија развиени со помош на технологија за уредување гени, кои емитуваат мек природен сјај благодарение на успешниот трансфер на гени што произведуваат светлина од светулки и биолуминисцентни габи во растителни клетки. Досега, повеќе од 20 растителни вида, вклучувајќи орхидеи, сончогледи и хризантеми, се научени да светат ноќе. Ли Ренхан е основач на биотехнолошката компанија „Меџикпен био“ и доктор по науки од Кинескиот земјоделски универзитет. Додека студираше генетски инженеринг, Ли почна да истражува дали истите биолошки механизми можат да се пренесат на растенијата.
– Сакавме да пренесеме гени од животни, како што се оние од светулките, во растенија за да можат и тие да светат ноќе. Ние сме посветени на примената на оваа технологија во културниот туризам и ноќната економија. Замислете долина полна со светлечки растенија во темница – тоа би било како да го донесете светот од Аватар на Земјата. Растенијата неодамна беа јавно презентирани на форумот „Џонггуанцун“, каде што истражувачите анализираа експериментални примероци и демонстрираа цвеќиња што емитуваат видлива светлина без никаков надворешен извор на енергија. Растенијата како овие би можеле да осветлуваат градови ноќе – вели Ли.
Потенцијалот на оваа технологија оди многу подалеку од естетскиот впечаток. Биолуминисцентните растенија би можеле да осветлуваат паркови и јавни простори без потреба од електрична енергија, потпирајќи се исклучиво на вода и хранливи материи.
– Освен за туризам, би можеле да ги користиме и во урбаните паркови без потреба од електрична енергија. На овие растенија не им е потребна електрична енергија. Им треба само вода и ѓубриво. Тие заштедуваат енергија, ги намалуваат емисиите и можат да ги осветлуваат градовите ноќе – вели тој.
Научниците истакнуваат дека слични техники веќе се користат во истражувањата, на пример за следење на развојот на болести на ниво на клетки, што го забрзува откривањето лекови и ги подобрува терапиите за состојби што претходно биле тешки за лекување. Во земјоделството, од друга страна, со уредување на гените за чувствителност кај оризот, развиени се нови сорти отпорни на неколку штетници, со што се поставуваат цврсти темели за глобална безбедност на храната.
































