Изложбата „Исцелување на животот“ на Томе Мишев ќе биде отворена во галеријата „Метаноја“, денеска во 19 часот. За изложбата, Коста Милков вели: „Сликите на Мишев држат рамнотежа меѓу мачнината и убавината на постоењето, меѓу егоизмот и алтруизмот, меѓу ризикот и љубовта, меѓу стравот и надежта. Човечките фигури се најчесто поставени централно, а сцените околу нив се раздвижени во дејство, во драма и во неизвесност. Гледајќи во која било слика од опусот на Мишев не може да не си го поставиме прашањето дали гледаме во нешто сакрално што повикува на светост, нешто онирично што нѐ воведува во светот на соништата, нешто трагично што нѐ поттикнува на интроспекција, или нешто жизнерадосно со кое сите претходни состојби ни стануваат полесни? Веројатно од сѐ по малку и сите заедно. Сликите на Томе Мишев сведочат за копнежот на човештвото за исцелување на животот“.

Томе Мишев е роден во 1958 година во Струмица. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Неговото творештво е презентирано низ многубројни самостојни изложби, групни изложби, како и ликовни колонии во земјата и странство. Во 2001 година ги добил наградите за сликарство „Димитар Пандилов“ (ДЛУМ) и „Методија Ивановски–Менде (КИЦ). Во 2006 ја добил наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ (ДЛУМ). Во 2010 г., Советот на град Неготино му ја доделил наградата „8 Ноември“ за придонес во областа на културата.