ОДРЖАНО ГОДИШНОТО СОБРАНИЕ НА ЏФМ
- Џудо-федерацијата на Македонија продолжува сплотено и со голем ентузијазам да гради побројно членство, да работи на едукација на судискиот и тренерскиот кадар и да се подготвува за освојување медали од престижните европски натпревари, рече претседателот на ЏФМ, Трпаноски
Во собраниската сала на Општина Прилеп во понеделникот се одржа редовното годишно собрание на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), на кое покрај делегатите и претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски. Продановски во своето излагање ја поздрави досегашната работа на ЏФМ, истакнувајќи ја важноста на континуираниот развој на џудо-спортот во Македонија. Притоа, тој најави и идна соработка со Федерацијата, со цел унапредување и промоција на џудото, како и создавање подобри услови за младите спортисти. ЏФМ, пак, изрази голема благодарност до Општина Прилеп и до градоначалникот Дејан Проданоски за неговото присуство на собранието.
Делегатите на собранието беа детално запознати со работата и со активностите на Федерацијата во изминатиот период, но и со планот и програмата за активностите што претстојат во идниот период. Беше потенцирано дека џудото продолжува да се развива и да обединува.
– ЏФМ го одржа своето редовно годишно собрание, на кое беа присутни делегати од сите клубови. На собранието беа усвоени завршната сметка и програмата за работа на Федерацијата за 2026 година. Воедно беа презентирани проектите што се поставени како краткорочна стратегија во наредните две години, а тоа се џудо во школи, во полиција и во армија. Џудо-федерацијата на Македонија продолжува сплотено и со голем ентузијазам да гради побројно членство, да работи на едукација на судискиот и тренерскиот кадар и да се подготвува за освојување медали од престижните европски натпревари. Исто така, беше потенцирано и организирањето на два европски купа и едно Балканско првенство, кои ни претстојат во наредните пет месеци. По ова собрание, Федерацијата е побогата за два нови клуба, кои беа примени како нови членки во Џудо-федерацијата на Македонија – изјави претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски. Г.И.
































