Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба во седиштето на Chevron Corporation во Вашингтон, насочена кон зајакнување на енергетската соработка и обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG), соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
На состанокот, покрај претставниците присутни во Вашингтон, онлајн се вклучиле и високи претставници на компанијата од Пекинг и Мадрид, што, како што беше истакнато, ја потврдува сериозноста на интересот на „Chevron“ за потенцијална соработка со Македонија.
Од страна на компанијата учествувале Брајан Еснер, генерален менаџер за LNG Origination, како и Лем Смит и Стив Кеил, задолжени за меѓународни владини односи. Македонската делегација ја сочинувале и Горан Николовски, раководител на секторот за гас, и Недим Рама, директор на НОМАГАС.
Од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини истакнуваат дека фокусот на разговорите бил ставен на диверзификацијата на снабдувањето со нафта и гас, можностите за влез на американски компании на македонскиот пазар, како и зајакнувањето на енергетската стабилност и конкурентност. Дополнително, биле разгледани потенцијали за нови инвестиции и партнерства во енергетскиот сектор.
Министерката Божиновска истакнала дека државата е отворена за соработка што ќе придонесе за сигурно снабдување и развој на конкурентен пазар.
Средбата со „Chevron“ се оценува како значаен чекор кон позиционирање на земјата во регионалната и глобалната енергетска мрежа, со фокус на долгорочна стабилност и стратешка диверзификација.
































