Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска на седница на Советот истакна дека во изминатите години наплатата на даноците била на многу ниско ниво, што довело до сериозни финансиски предизвици за градот.
Одговарајќи на советничко прашање, тој информираше дека во текот на минатата година биле наплатени околу една милијарда денари по основ на даноци, при што, како што нагласи, дури 70 проценти од тие средства се собрани по преземањето на новата градска администрација.
– Ова е показател дека фискалната дисциплина е значително подобрена – рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека за подобрување на наплатата биле преземени законски мерки, меѓу кои и блокирање на сметки на должниците.
Градоначалникот упати апел до граѓаните навремено да ги подмират обврските за 2022, 2023 и 2024 година, со цел да се избегнат нови блокади и присилна наплата.
Воедно, најави дека во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) започнува процес на репроценка на данокот на имот, кој ќе се реализира во повеќе фази. Според него, целта е зголемување на приходите, при што се очекува годишно зголемување од над 30 милиони евра по овој основ.
Во рамки на процесот ќе се врши вкрстување на податоци со Агенцијата за катастар на недвижности за утврдување на реалната состојба. Репроценката најпрво ќе започне во општините Карпош и Центар, каде што, според анализите, постојат најголеми разлики во наплатата на даноците, а потоа ќе продолжи и во другите општини.


































