Сите колективни договори што се потишани во јавниот и државниот сектор започнаа да се применуваат, рече премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека тоа е случај и со линеарното зголемување и усогласување со минималната плата кај вработените во Министерството за внатрешни работи.
-Оваа година за нас е навистина тешка, особено со случувањата во Заливот. Нешто за коешто веќе зборував, но тоа е што е, ќе се бориме. Сите колективни договори коишто имаат обврска за примена од 1 април, веќе започнаа да се применуваат. Вклучително и линеарното зголемување и усогласување со минималната плата кај вработените во Министерството за внатрешни работи. И тие ќе имаат зголемување на личниот доход -рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на настан за отпочнување проект за реконструкција на улици во општина Аеродром, пренесе МИА.
Така што, додаде премиерот Мицкоски, како работодавач, „ние практично се имаме усогласено со своите колеги во целост, мислам дека 97-98 проценти.
-Така што можам да кажам дека барем до 2028 година, оној процес којшто го имавме зацртано, го заокруживме – рече премиерот Мицкоски.
































