Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од порастот на извозот во првите два месеца од годинава, што според него е охрабрувачки, бидејќи не се случило намалување иако имало одредени стравувања.
– Во текот на вчерашниот ден Државниот завод за статистика, извади еден податок кој што е, би рекол охрабрувачки, но тоа е за првите два месеци за јануари и февруари пред да почне кризата. Практично во февруари се нивелираше тоа што се пропушти во јануари поради протестот на превозниците. Во февруари имаме пораст на извозот за отприлика 12 проценти во евра споредено со претходната година и отприлика 10 проценти увозот е зголемен во евра споредено со истиот период од минатата година – рече Мицкоски.
Според него, се земат предвид првите два месеца отприлика и извозот и увозот растат со истата динамика од 2,4 проценти.
– Тоа значи дека немаме намалување како што постоеше стравување, туку имаме зголемување. Но, тоа се однесува на првите два месеци. Сега ќе видиме какви ќе бидат следните месеци – март април и во зависност од тоа колку ќе биде длабока кризата, така и така и ние ќе се однесуваме – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на почетокот на реализација на проект за реконструкција на улици во општина Аеродром.
































