Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Со корекциите кои ги направи Владата и почетните мерки за намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти и можноста за намалување на акцизата е оневозможено инфлацијата да биде двојно поголема од таа за март која се очекува да биде меѓу 4,5 и 5 проценти, вели премиерот Христијан Мицкоски. Додава дека внимателно ја анализираат состојбата и очекува на следната владина седница, по велигденските празници да предложат нови мерки повеќе таргетирани за одредени целни групи граѓани и одредени производи. И тие мерки, како што нагласи, би биле комбинирани и со намалување на данокот на додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа.

– Со корекциите коишто ги направивме и со овие почетни мерки за намалување на ДДВ-то и можноста да се намали акцизата, ние ги преполовивме можностите за двојно поголема инфлација од тоа којашто се очекуваше и според меѓународни финансиски институции. Ние Па ние врз основа на нашите пресметки очекуваме инфлацијата да се движи меѓу четири и пол и пет проценти во март месец. Ќе имаме засилување. Тоа засилување беше видливо во втората половина од март месец. Ќе правиме анализите и се разбира дека ќе донесеме одлука како и што понатаму ќе правиме – рече премиерот Мицкоски, во одговор на новинарско прашање на почетокот на реализација на проект за реконструкција на улици во општина Аеродром, пренесува МИА.

Премиерот повтори дека не смее да се носат одлуки под притисок, туку паметно и мудро, бидејќи, како што истакна никој не знае колку долго ќе трае целата оваа криза.

– Мора да се подготвиме за подолг период, а да бидеме среќни ако заврши побрзо – рече Мицкоски.

Најави дека на денешната седница на Владата ќе разговараат за тековни работи, а оти за донесување нови мерки ќе се одлучува по велигденските празници.

– Следните мерки би биле повеќе таргетирани за одредени целни групи на граѓани и одредени производи. Зборувам тука пред сè за основните прехранбени производи. И тие мерки би биле комбинирани и со намалување на данокот на додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа. Во таа насока би се движеле мерките – рече Мицкоски.

Тој потврди дека Законот за нефер трговски практики за зголемување на казните е готов.

– Јас имав состанок со претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Мислам дека прашање на денови кога истиот ќе влезе во владиина процедура – рече премиерот.