Времеплов: Кога бев ученик – Дејан Недев, спортист
- На Европското карате-првенство во Скопје за јуниори и кадети до 18 години, во 1995 година, како петнаесетгодишник настапив во кадетска конкуренција и бев прв, освојувајќи ја титулата европски шампион. Тоа беше врв на моите дотогашни интернационални успеси. Во „Наш свет“ излезе интервју со мене, бев главна фаца во училиштето, а интересот на девојчињата за мене нагло се зголеми, вели Дејан Недев
Дејан Недев (46) е врвен македонски каратист, повеќекратен европски првак во овој спорт и освојувач на голем број медали на светски првенства. Неколкупати е прогласуван за најдобар спортист на Македонија, а добитник е и на наградата „13 Ноември“.
Основно образование завршил во ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, а средно училиште во СУГС „Васил Антевски-Дрен“. Дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со што добива звање дипломиран професор по физичка култура. На истиот факултет во 2011 година успешно магистрира и официјално станува магистер по кинезиологија, по што се стекнува и со докторски степен на образование. Има објавено повеќе од 20 научно-стручни труда во престижни научни списанија. Работи како професор на приватен универзитет и како тренер во повеќе карате-клубови во Скопје, а најмногу е ангажиран во карате-клубот Работнички. Неговите ученици се меѓу првите во Европа во своите категории.
Но сето ова немаше да биде можно ако Дејан не го облечеше кимоното уште на четиригодишна возраст.
Каде ги поминавте детските денови?
– Детството ми помина во маалото во кое живеевме во Капиштец, поточно во паркот меѓу зградите, кој беше убава зелена оаза со уреден простор речиси за сите детски игри. Имаше лулашки, лизгалки, терен за фудбал, за сервис, патеки за ролери, место колку сакаш за трчање и криенка, за сѐ. Со децата од маало речиси секој викенд одевме пеш на Водно. Тука блиску ми беше и градинката „Мајски цвет“, па училиштето „29 Ноември“ (сега „Војдан Чернодрински“), каде што учев до четврто одделение. И најважното место за мене, на чекор од нашиот стан, карате-клубот Работнички.
Веројатно, како и сите деца, сте правеле палавштини, ќе ни откриете ли некоја?
– Не правевме големи бели, ама имаше понекоја. Тука веднаш до нашата зграда имаше куќи со дворови, а во еден од нив имаше убава голема цреша и ние, децата, се бесевме на оградата од куќата и крадевме цреши. Сопственичката нонстоп нѐ бркаше, но попусто. Дури и ја разнишавме и целата ограда. А црешите, иако уште зелени, највкусни се кога се крадени (ха-ха).
На колку години почнавте да тренирате карате?
– Уште кога проодев почнав да одам во салата каде што се тренираше, а почнав да тренирам на четири години. Се сеќавам, во тоа време ги заразив сите мои другари, па и тие почнаа да доаѓаат на тренинзи, ама набргу се откажаа, не сакаа да вежбаат, не беа упорни. А каратето е таков спорт, за резултати како моите бара долг период на тренирање и едукација, за разлика од други борачки спортови, каде што за кратко време може да се постигне резултат. Почнав гледајќи ги постарите од мене. Се сеќавам, ми купија и ново кимоно, од тогашната продавница „Словенија спорт“ во Градскиот трговски центар.
Кога Вашиот татко Венцеслав Недев, познат карате-мајстор, го забележа вашиот вонсериски талент?
– Ние сме три деца. Брат ми Аљоша е година и пол постар од мене и од мојата сестра близначка Јадранка. Родени сме во седми месец и во најраното детство сме биле многу болежливи, со кревко здравје, додека брат ми бил, а и сега е, многу цврст и физички силен. Тој во почетокот беше поталентиран од мене и од сестра ми, всушност беше најдобар меѓу своите врсници, а ги надмина и оние постарите од него. Но кога јас и сестра ми почнавме да тренираме, станавме поотпорни и поцврсти. Татко ми велеше дека одвај чекал да проодиме и да нѐ пушти во сала, да почнеме со физичка активност, која обезбедува правилен развој на децата.
Како Ви одеше на училиште, имавте ли време и за учење и за тренирање?
– Кога бра ми, кој кога бев помал ми беше идол, се запиша на училиште, јас едвај чекав да видам што е тоа. Не ми беше тешко учењето, бев одличен ученик. Стигнував сѐ да направам – и да вежбам и да учам, ми помагаа родителите, кои ни го организираа времето. Се знаеше, се враќаме од училиште, мора да се напише домашна, да се научи, од 18 часот тренинг и во 21 часот во кревет.
Кои ви беа омилени предмети на училиште?
– Па се знае, на прво место физичко. Потоа ликовно, биологија, англиски. Математика, хемија и физика слабо ми одеа, ама на крајот сепак поминував одличен. Имав многу оправдани изостаноци, поради честите патувања, па поради тоа ми беше потешко кога ќе ми се натрупаше материјал за учење. Бидејќи во „29 Ноември“ ми правеа проблеми поради изостаноците, морав да се префрлам во ОУ „Кузман Јосифовски“, каде што имав поголемо разбирање од наставниците.
Се сеќавате ли на првата љубов?
– Тоа беше во четврто или во петто одделение. Мислам дека се викаше Маја. Ја запознав кај братучед ми на роденден. Беше помала од мене и ми подари калинка, која долго време ја чував и не сакав да ја изедам.
Кое е Вашето незаборавно летување?
– На екскурзиите со училиштето не се сеќавам толку колку на летните семинари со клубот. Никогаш нема да ги заборавам летувањата на црногорското приморје во Улцињ, Херцег Нови, а особено оние во Приморско, Бугарија, каде што семејно одевме четири-пет години по ред. Тие летувања ми беа најубави. Останувавме по месец и пол, имаше многу групи, многу деца од цела Македонија и од Бугарија. Смените беа по 10 дена, а татко ми ги водеше сите тренинзи, па подолго уживавме на море. Трениравме двапати дневно, а таму научив и да пливам. Бевме сместени во убави бунгалови. Имаше и диско, каде што ние децата со дозвола на родителите останувавме секоја вечер до сабајле, а потоа директно на тренинг! Таму положив за црн појас-први дан кога имав 10 години. Тоа беше во 1990 година.
Кога првпат почувствувате дека сте популарен?
– Во 1995 година имаше Европско првенство во Скопје за јуниори и кадети до 18 години. Тогаш, како 15-годишник настапив во кадетска конкуренција. Се сеќавам на секој детаљ. Првенството се одржа во Универзалната сала, која беше преполна. Го освоив првото место и станав европски шампион. Тоа беше врв на моите дотогашни интернационални успеси. Во „Наш свет“ излезе интервју со мене, бев главна фаца во училиштето, а интересот на девојчињата за мене нагло се зголеми. Оттогаш успесите почнаа да се нижат и кариерата ми одеше по нагорна линија. Потоа имав настапи во сениорска конкуренција. До 2001-та настапував и во сениорска и во младинска конкуренција и освоив седум медали на европските првенства.
Дали го постигнавте она што го посакувавте во кариерата и во животот?
– Да, и повеќе од тоа.


































