Албански студенти денеска протестираа пред Министерството за правда во Скопје, барајќи правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Дел од учесниците пристигнаа преку Камени мост, носејќи албански и американски знамиња, како и транспаренти со пораки против, како што велат, институционална дискриминација.
На протестот се извикуваа пароли „Албанскиот јазик, службен јазик“, „Филков, не стој на прозорец, поднеси оставка“. Учесниците испратија и политички пораки поврзани со Охридскиот договор и Законот за јазиците.
Барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик отвора и уставни дилеми, со оглед на тоа што станува збор за стручен испит кој не се третира како управна постапка.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика кандидатите да не дозволат да бидат, како што рече, искористени за политички цели.
-За жал, овој протест е силно поддржан од една опозициска политичка партија, која повеќе од 20 години не успеа да го реши ова прашање и сега е лицемерно на овој начин да комуницира со јавноста – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе бара соодветно решение, потсетувајќи дека делови од Законот за употреба на јазиците се оспорени пред Уставниот суд, како и дека постојат забелешки од Венецијанската комисија.
Од Министерството за правда, пак, соопштија дека го почитуваат правото на протест, но изразија загриженост за, како што наведуваат, обидите за политичка инструментализација.
-Со жалење констатираме дека протестот покажува обиди за манипулација со граѓаните од страна на политички структури. Министерството останува отворено за конструктивен дијалог, но исклучиво во рамки на законските надлежности – информираат од Министерството.
Оттаму потенцираат дека правосудниот испит се спроведува согласно важечката правна рамка и дека приоритет останува јакнењето на правниот поредок и обезбедување фер и транспарентен систем, ослободен од политички влијанија.
Министерството додава дека ќе продолжи внимателно да ги разгледува сите иницијативи, но нагласува дека нема да дозволи злоупотреба на Уставот и законите.
































